Линкови за пристапност

Прва посета на Трамп и Меланија на Индија


Се очекува американскиот претседател да објави продажба на армиска опрема вредна неколку милијарди долари, а ќе се дискутира и за имиграциони прашања

Претседателот на САД, Доналд Трамп, во недела заминува за Индија на 36-часовно патување, откако претходно призна дека нема да се врати дома со предвидена голема трговска зделка.

„Ја чувам големата работа за подоцна“, изјави Трамп пред новинарите во вторникот. „Не знам дали ќе се реализира пред изборите, но ќе имаме многу голема зделка со Индија“.

Индиските власти сметаат дека имиграциското прашање се влошува во последните четири години


За повеќе елементи од договорот веќе е постигната меѓусебна согласност, но неколку спорни сектори не се решени, вклучително и оние за медицински помагала, тврдат извори блиски до преговорите.

„Јас лично бев малку изненаден што двете страни не можеа да постигнат договор“, рече Џеф Смит, истражувач од Фондацијата Херитиџ.

„Нема големо брзање“ да се финализира трговскиот договор, изјави за Гласот на Америка пензионираниот индиски дипломат Т.П. Сренивасан во Индија.

На своето прво патување во оваа јужноазиска држава, Трамп веројатно ќе објави продажба во вредност од неколку милијарди долари за воени хеликоптери и, евентуално, ракетен одбранбен систем, во услови на зголемена меѓусебна загриженост поради воената експанзија на Кина, што е причина за поблиска одбранбена соработка меѓу Вашингтон и Њу Делхи.

По настанот на стадионот во Ахмедабад и пред да замине во Њу Делхи, претседателот и првата дама Меланија Трамп е предвидено да ја посетат и најпознатата туристичка атракција во земјата - Таџ Махал.

Во главниот град на Индија, билатералните разговори треба да се фокусираат на современите проблеми.

Индиските власти би можеле да ја подигнат тврдата линија на Трамп за имиграцијата.

„Тие сметаат дека имиграциското прашање - без оглед дали им нуди визи на студентите, Х-1Б на високо-квалификуваните, или проблемот со зелените карти - се влошува во последните четири години“, рече изјави за Гласот на Америка, Апарна Панде, директор на Иницијативата за иднината на Индија и Јужна Азија во Институтот Хадсон.

Неизвесно е дали Трамп ќе разговара за прашањето на Кашмир.

Шест месеци откако премиерот Нарендра Моди го укина специјалниот статус на Кашмир, тамошните политичари остануваат притворени, а интернет-услугата е ограничена.

Трамп „не е секогаш многу внимателен кога зборува за вакви проблеми, особено за Кашмир. Значи, тоа ќе се појави во некаква форма “, предвидува поранешниот индиски амбасадор во Обединетите нации, Среиневасан.

XS
SM
MD
LG