Бизнисменот и милијардер Доналд Трамп ќе даде заклетва како 45-ти претседател на САД околу пладне по вашингтонско време, во петок.
Во предвечерјето на инаугурацијата тој кажа дека нацијата ќе „види нешто прекрасно“ откако тој официјално ќе дојде на функцијата
Трамп ветува дека вредно ќе работи, дека ќе ја обедини државата и дека „ќе ја направи Америка повторно голема, за секого.“
По инаугуративниот концерт на скалите на споменикот на Линколн, тој вчера пред илјадниците насобрани кажа дека не е` загрижен дали времето ќе биде убаво или ќе врне, зашто луѓето од цел свет секако ќе гледаат што се случува во САД.
Временската прогноза за денот на инаугурацијата вели дека ќе биде врнежливо и студено.
На ден пред инаугурацијата, се случија судири со полицијата на протестанти пред зградата на Националниот прес клуб во Вашингтон. Внатре, во Клубот, се одржуваше коктел-собир под името „Бедници.“
Протестантите извикуваа „Не за Трамп. Не за фашистичка Америка“.
Некои фрлаа предмети кон полицијата, која употреби хемиски супстанци за да ја растера толпата.
Шон Спајсер, кој ќе биде прес-секретар на Белата куќа на Трамп, кажа дека новоизбраниот претседател интензивно работел на инаугуративниот говор кој ќе се одржи на скалите на американскиот Капитол. Тој додаде дека говорот „ќе биде многу личен, негова визија за Америка.“
Портпаролот кажа дека почнувајќи од денес Трамп ќе потпише неколку извршни одредби „спроведувајќи ја агендата на вистински промени“.
Потпретседателот Мајк Пенс рече дека тој и Трамп се подготвени „да им служат на Американците од првиот ден“.
Имаше протести против новата администрација и во близина на кулата Трамп во Њујорк, каде говори одржаа градоначалникот Бил де Блазио, филмскиот режисер Мајкл Мур, актерот Роберт де Ниро и други.
Со номинацијата на поранешниот гувернер на Џорџија, Сони Перду за раководител на Одделот за земјоделство, Трамп ги пополни сите позиции во неговиот кабинет. Тој исто така кажа дека низ владините агенции се распоредени 536 претставници, задолжени за успешна транзиција на моќта.
Спајсер вели дека 50 лица кои работеле за претседателот Обама се согласиле да останат да служат во новата администрација.