Линкови за пристапност

Претседателот Трамп повика на „радикална промена“ кон илегалната имиграција


Забелешките на претседателот беа искажани на настан што се одржа во Лонг Ајланд Њујорк

Претседателот Доналд Трамп повика на „радикална промена“ во начините на доделување на американската помош за државите за кои смета дека не прават доволно за запирање на бранот илегални мигранти кои пристигнуваат во САД.

„Ќе работиме на систем во кој, секогаш кога ќе пристигне некој илегален имигрант од одредена земја, ние ќе одземеме прилично голема сума пари од помошта што ја даваме“ вети Трамп. „Може и да не дадеме помош воопшто, бидејќи и покрај извештаите, не верувам дека барем малку ни помагаат.“

Трамп не наведе ниту една држава.

Забелешките на претседателот беа искажани на настан што се одржа во Лонг Ајланд, Њујорк кој според Белата куќа бил организиран со цел „да се повика на акција за законски промени“.

Во интервјуто за „Фокс њус“ Трамп рече дека нема да одобри никаква мерка за реформи за имиграција, ако не бидат вклучени средства за посилна гранична безбедност и за ѕид на границата со Мексико. Тој, исто така сака да ја прекине лотаријата за зелена карта и семејната имиграција.

„Време е да донесеме цел пакет мерки“, рече Трамп.

Голем дел од дискусијата меѓу претседателот и останатите на настанот, меѓу кои и членови на семејствата жртви од насилство на банди беше фокусирана на МС-13, криминална банда која потекнува од Лос Анџелес и која се прошири во поголемиот дел од Северна и Централна Америка. Многу членови на бандата доаѓаат од Ел Салвадор, државата која е погодена од големо насилство и има петти најнизок приход по глава на жител во западната хемисфера.

Според властите, МС-13 стои зад 25 убиства во Лонг Ајленд, Њујорк кои се случија во последните две години.

На настанот, кој се одржа 60 километри источно од Менхетн, началникот на полицијата во округот Насау, Патрик Рајдер, рече: „Знаеме дека имаме претседател кој секојдневно ни го чува грбот и не поддржува. Рајдер рече дека неговиот оддел идентификувал 250 активни членови на МС -13 и дека минатата година во неговата област од страна на бандата биле убиени шест деца.

Ова беше втора посета на Трамп на Лонг Ајленд за да зборува за имиграцијата.

Учесниците на вчерашниот настан го бранеа првичниот коментар на Трамп, во кој тој членовите на бандата МС-13 ги нарече „животни“.

„Тие се животни во начинот на кој убиваат, ги киднапираат децата и ги мачат“, рече Евелин Родригез, чија 16-годишна ќерка и нејзината 15 годишна пријателка биле убиени од страна на МС-13 во 2016-та година.

За време на вчерашната тркалезна маса , Трамп повторно истакна дека членовите на бандата „не се луѓе, туку животни“.

Извршниот директор на Одделот за царини и имиграција, Томас Хоман, рече дека приврзаниците на МС-13 се полоши од животни.

„Животните убиваат заради преживување, MС-13 убива заради спорт“ рече тој.

Активистите кои се залагаат за правата на имигрантите сметаат дека коментарите на Трамп се обид за деградација на мнозинството имигранти –легални и илегални, кои воопшто не се вклучени во криминални активности.

Специјален фокус за време на вчерашната тркалезна маса беше и прашањето за децата кои се задржуваат од властите, затоа што дошле нелегално во САД.

Заменикот јавен правобранител на САД, Род Розенстајн рече дека според законот, малолетниците без придружба, дури ако се членови на банди, треба да бидат изведени пред федерален суд, и не можат да бидат екстрадирани веднаш.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG