Претседателот на САД Доналд Трамп, вели дека тероризмот и Северна Кореја, се во фокусот на дводневниот самит на Групата седум најразвиени земји (Г7), што денеска започна во Сицилија, Италија.
Пред почетокот на разговорите, Трамп беше пречекан од италијанскиот премиер Паоло Џентилони.
Пред средбата, лидерот на САД изјави дека на средбата ќе се стави „особен акцент на проблемот со Северна Кореја“.
Додека на разговорите ќе преовладува и тероризмот, Трамп изјави дека севернокорејското тестирање на нуклеарно оружје и производството на балистички проектили, претставуваат „голем проблем“ за светските лидери, но дека проблемот ќе биде решен.
Трговијата е уште една голема главоболка за која, исто така ќе се дискутира во Италија.
На прес-конференцијата пред Самитот, претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, ја истакна посветеноста на Трамп во борбата против тероризмот:
„Бев импресиониран од определеноста и цврстината на претседателот Трамп, кога станува збор за контра-тероризмот. Целосно се согласувам со него кога рече дека меѓународната заедница, Г-7, САД, Европа, треба да бидат силни, дури и брутални, кога станува збор за тероризмот и ИСИС. Претседателот Трамп, воедно беше мошне остар во врска со Северна Кореја и во тој контекст, тој може да смета на нас“, истакна Туск.
На дводневните средби на Г7, според најавите, ќе се расправа и за климатските промени и следните чекори за справување со овој проблем.
Facebook Forum