Линкови за пристапност

Трамп во посета на Франција


Сирија и борбата против тероризмот високо на агендата.

Претседателот на САД, Доналд Трамп денес патува во Франција, каде со францускиот претседател Емануел Макрон ќе разговара за напорите во борбата против тероризмот. Тој исто така ќе учествува на прославата на Денот на Бастилја и на одбележувањето на 100-та годишнина од приклучувањето на американските трупи во Првата светска војна.

Двајцата лидери утре во Париз ќе одржат состанок, пред да имаат заедничка прес конференција.

„Ќе разговараме за сите прашања кои се од интерес за нас двајцата, вклучувајќи ги и оние за кои имаме несогласувања, но исто така и по многу прашања на кои работиме заедно - заканата од тероризмот, кризата во Сирија и Либија, и многу други прашања кои се од наш заеднички интерес,“ рече Макрон.

Виш американски официјален претставник за новинарите изјави дека Белата куќа очекува ситуацијата во Сирија и американско-француската соработка по прашањата за борбата против тероризмот да доминираат на разговорите, иако можеби ќе се разговара и по прашања од минатонеделниот самит на Г-20 во Германија.

Франција е дел од коалицијата предводена од САД, која спроведува воздушни напади против цели на Исламската држава во Сирија и Ирак.

Трамп и Макрон се во првата година на функцијата и покажаа разлики во политиката кога станува збор за меѓународните напори за борба против климатските промени. Но, тие исто така споделуваат заеднички цели, како што се намалување на бројот на вработени во нивните влади.

Вишиот претставник на администрацијата го опиша односот меѓу претседателите како „многу позитивен“.

Во петок, Трамп и неговата сопруга Меланија ќе присуствуваат на годишната парада по повод Денот на Бастилја, на која ќе учествуваат француски и американски воени претставници.

XS
SM
MD
LG