За време на кампањата, претседателот на САД Доналд Трамп, ветуваше радикално поинаков пристап кон интервенциите во странство отколку оној на неговите претходници.
Притоа тој остро се спротивставуваше на воените интервенции, и на крај овој негов став стана препознатлив дел од кампањата.
„Потрошивме шест трилиони долари на Блискиот Исток“, рече Трамп. „Можевме да ја обновиме нашата земја двапати“.
Податоците од Пентагон од првата година од претседателствувањето сугерираат дека Трамп има потешкотии во спроведувањето на неговиот пристап „Америка прво“ кон светот, барем кога станува збор за употребата на сила.
Наместо тоа, тој испрати повеќе американски војници во конфликтните зони на Блискиот Исток и Јужна Азија, биле бомбардирани повеќе цели во Ирак, Сирија и Авганистан, а била и проширена глобалната кампања на напади со беспилотни летала.
Засилени напори во Авганистан
Ниту еден конфликт не е подобар пример отколку Авганистан, каде што САД се борат со талибанските бунтовници веќе 16 години.
Пред да стане претседател, Трамп беше критичар на војната, нарекувајќи ја губење животи и пари, и бараше итно повлекување на американските трупи.
Но, на шест месеци од мандатот, тој ја промени позицијата и одлучи на неодредено време да го прошири присуството на САД во оваа земја.
Според планот на Трамп, во Авганистан ќе бидат испратени уште 3.000 војници, поддржани од кампања за бомбардирање на цели под американско раководство.
Повеќе бомби, повеќе војници
Ова е дел од моделот на поголемо присуство на Пентагон низ Блискиот Исток, Јужна Азија и Северна Африка.
Според податоците на Пентагон, откако Трамп ја презеде функцијата, има зголемување од 31 отсто во бројот на војници и цивили, коишто работат за Пентагон на Блискиот Исток и Северна Африка.
Според неодамнешен извештај, американските сили ќе останат во Сирија на неодредено време. Под Трамп, САД воедно и бомбардирале повеќе цели.
Војна со беспилотни летала
Бројот на нападите со беспилотни летала исто така беше зголемен, вклучувајќи ги Јемен, Сомалија, Пакистан и Либија - продолжување на глобалната кампања на поранешниот претседател Барак Обама.
Американските војници сега исто така можат да спроведат беспилотни напади во Нигер, откако оваа африканската државата минатиот месец даде такво одобрение.
Не е за изненадување
Ваквите тенденции на Трамп не се изненадување за некои аналитичари, како што е Кристофер Прибле од Институтот Като: „Изјавите на Доналд Трамп како кандидат, па дури и порано, имаа тенденција да бидат прилично воинствени“, вели тој.
Трамп не е единствениот претседател кој имал потешкотии да ги исполни ветувањата од предизборниот период, а поврзани со надворешната политика. Претседателот Обама, на пример, водеше кампања за враќање на американските војници од Ирак. Тој го стори тоа пред повторно да ги врати назад, за да се борат против милитантите на Исламската држава.
Тоа е потсетник дека претседателските кандидати имаат многу ветувања кога станува збор за надворешната политика, но тие не можат секогаш да ги остварат.
Вилијам Гало - Глас на Америка
Facebook Forum