Американскиот претседател Доналд Трамп во неколку објави на Твитер го нападна ФБИ и рече дека никогаш не побарал од поранешниот директор на агенцијата, Џејмс Коми да ја запре истрагата за советникот за национална безбедност Мајкл Флин и за неговите контакти со рускиот амбасадор во Вашингтон.
Репутацијата на ФБИ е „Уништена - најлоша во историјата“, но администрацијата на Трамп „ќе ја врати назад до височините“, напиша претседателот.
Во одделна објава на Твитер за сведочењето под заклетва на Коми пред Конгресот во кое тој кажа дека претседателот го замолил да ја стопира истрагата за Флин, Трамп коментираше: „Повеќе лажни вести кои ги покриваат лагите на Коми.“
Коми го искористи Твитер и повторно објави цитати од неговото сведочење во јуни:
„Сакам американскиот народ да ја знае вистината: ФБИ е чесна агенција. ФБИ е силна. ФБИ е независна и секогаш ќе биде независна“, напиша Коми.
Поранешен официјален претставник од Одделот за правда исто така го бранеше ФБИ по коментарите на Трамп:
„Ќе најдете интегритет и чесност во седиштето на ФБИ, а не на Авенијата Пенсилванија (Белата куќа)“, рече поранешниот јавен обвинител Ерик Холдер.
Поранешната заменичка јавен правобранител, Сали Јејтс рече дека „единственото нешто што се уништува“ е почитувањето на владеењето на правото од страна на Трамп и дека вработените во ФБИ заслужуваат повеќе.
Објавите на Трамп на Твитер се случуваат на два дена откако Флин се изјасни за виновен дека ги лажел агентите на ФБИ за разговорите што тој ги имал со поранешниот руски амбасадор Сергеј Кисљак, неколку недели пред Трамп да ја преземе власта во јануари.
Трамп исто така го нападна ФБИ поради тоа што агент на организацијата пишувал електронски пораки во корист на Хилари Клинтон, а по откривањето на пораките бил сменет од истрагата за случајот.
„Се почнува да има смисла!“ рече Трамп.
„Претседателот не треба да има никаков коментар за ниту една од овие истраги“, рече републиканската сенаторка, Сузан Колинс на програмата Meet the Press на NBC. „Единственото нешто што треба да стори е да ги насочува вработените и соработниците за целосно соработка.“
Твитер објавата на Трамп од саботата исто така привлече големо внимание.
Трамп напиша дека „тој морал да го отпушти генералот Флин, бидејќи го лажел потпретседателот на САД и ФБИ. Тој е виновен за тие лаги. Срамно е, затоа што неговите постапки за време на транзицијата беа законски, немаше што да се крие!“
Тоа сугерира дека претседателот бил свесен дека кога го отпушти Флин на 13 февруари, бил свесен дека поранешниот директор на Агенцијата за воено разузнавање ги лажел ФБИ кога неколку недели претходно.
Адвокатот на претседателот вели дека тој ја напишал објавата на Твитер и за веб страницата Axios изјави дека e негова грешка она што тој го пренел до директорот за односи со медиумите на Белата куќа, Ден Скавино.
Како дел од истрагата на специјалниот советник Роберт Мулер за вмешаноста на Русија на изборите во 2016-та година, тој размислува дали претседателот вршел опструкција на правдата со тоа што побарал од Коми да ја стопира истрагата за Флин, а подоцна и го отпушти директорот на ФБИ.
Флин се соочува со пет години затвор по признавањето на вината, но се согласи да соработува со истрагата на специјалниот советник.
Facebook Forum