Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп го пофали автопроизводителот „Фиат – Крајслер“ откако компанијата објави планови за инвестирање на една милијарда долари во нова фабрика во САД.
Фиат – Крајслер е трет најголем американски производител на автомобили и викендов објави дека ќе ги прошири погоните во Охајо и Мичиген, за да произведува нови модели на спортски и наменски возила, додавајќи 200 нови работни места.
Најавата дојде на неколку денови откако вториот по големина автопроизводител на САД, „Форд мотор“ соопшти дека ќе ги прекина плановите за проширување во Мексико и ќе потроши 700 милиони долари за проширување на операциите во САД, создавајќи 700 нови работни места.
„Конечно се случува“ напиша Трамп во порака на Твитер по објавата на „Фиат – Крајслер“ „Ви благодарам Форд и Фиат Ц“, напиша Трамп.
Неодамна Трамп го нападна најголемиот американски производител на автомобили „Џенерал моторс“ и најголемиот светски производител „Тојота“ за нивните планови за ширење на операциите во Мексико.
Новоизбраниот претседател Трамп се закани дека ќе воведе царини ако двете компании се обидат да ги увезат овие автомобили назад во САД.