Линкови за пристапност

Трамп - лидер кој избра да ги руши правилата во Вашингтон и да владее преку Твитер


Поддржувачите го гледаат како силен и инвентивен претседател, кој го обновил слоганот „Америка прва“

Претседателот на САД Доналд Трамп е во трка за реизбран на утрешните избори, обидувајќи се да не биде третиот американски лидер во изминативе четири децении да служи само еден мандат во Белата куќа.

Трамп е зад демократскиот противник Џо Бајден за околу осум проценти во националните анкети, но, нешто помалку во клучните сојузни држави кои ќе го одлучат резултатот од изборите.

По заздравување од коронавирус на почетокот на октомври, од кој починаа повеќе од 230.000 Американци, според универзитетот Џонс Хопкинс, 74-годишниот претседател организираше изборни собири во најважните сојузни држави, вклучувајчи ги Флорида, Мичиген и Пенсилванија.

Трамп, понекогаш, имаше посета на три или повеќе сојузни држави во еден ден. Неговите поддржувачи се сеќаваат дека тој, исто така, бил зад Хилари Клинтон во анкетите пред изборите во 2016, пред неочекувано да ги добие трите сојузни држави, кои традиционално се демократски, како Пенсилванија, Мичиген и Висконсин.

Во средината на октомври, на собир во Висконсин, Трамп рече дека „нема да изгубиме, ќе победиме“, но, во контрадикторен коментар рече дека ако изгуби, ќе изгубел од најлошиот кандидат во историјата на американската политика.

Трамп собираше илјадници поддржувачи на овие собири, обидувајќи се да го повтори неговиот успех од пред четири години.

Многу често, се појавуваше без маска, како и мнозинството од неговите поддржувачи, исто така, без маски.

Овојпат, за разлика од претходните избори, Трамп има четиригодишен мандат зад себе, на кој може да се повикува пред гласачите.

За негово време, стапката на невработеност достигна рекордно ниско ниво од 3,5 проценти пред пандемијата. Но, тој ветува дека ќе ја обнови економијата.

Одделот за трговија на САД, изјави дека бруто-домашниот производ пораснал за 7,4 проценти во третиот квартал, што претставува најбрзо темпо досега.

Додека Бајден постојано го критикува Трамп за неуспешно справување со пандемијата, претседателот вели дека државата е на раб да ѝ стави крај на заразата

Сепак, бројот на заразени во САД се зголемува, со понекогаш над 90.000 нови случаи на дневна основа.

Владините истражувачи и приватните фармацевтски компании велат дека вакцината против ковид-19 би можела да биде готова во наредните недели. Досега ниту една вакцина не е одобрена, ниту ќе биде одобрена до утрешните избори, како што Трамп велеше пред неколку недели.

Спротивно на нормите во главниот град Вашингтон, Трамп често избира да владее преку социјалните медиуми, користејќи го Твитер за таргетирање на политичките противници и објавување на неговите политички одлуки.

Поддржувачите го гледаат како силен и инвентивен лидер, велејќи дека го обновил слоганот „Америка прва“, и оти се движел кон помалку регулиран начин на живот во Америка, потпишувајќи извршни наредби за лимитирање на владината контрола.

Тој, исто така, успеа да обезбеди сенатска потврда на три конзервативни судии во Врховниот суд, зацврстувајќи го на тој начин конзервативното мнозинство со шест наспроти три гласа, кое би можело да се одрази врз законите за абортус, здравствена заштита, имиграција, контрола на оружјето, изборите и други прашања.

Бројни анкети покажуваат дека американската јавност не се согласува со начинот на кој Трамп се справува со пандемијата, но, дали тоа ќе се одрази и врз одлуката за гласање ќе се види на утрешните избори.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG