Линкови за пристапност

Не сакам да чекам недели, месеци или години за резултатите од изборите, рече Трамп


Никогаш во историјата на Конгресот, преку војни, депресии и Граѓанска војна, не се случило изборите да не се одржат во закажаниот термин, рече Меконел, кој заедно со други републиканци, ја одбија идејата на Трамп

Претседателот на САД Доналд Трамп рече дека не сака да чека недели, месеци, дури и години, за резултатите од изборите во ноември, поради проблемите кои смета дека ќе се појават со гласањето по пошта.

„Не сакам да се одложат, но, исто така, не сакам да чекам три месеци и потоа да слушнам дека гласачките ливчиња се изгубени, и оти изборите не важат. Паметните луѓе тоа го знаат, глупавите можеби не“, рече Трамп пред новинарите во Белата куќа.

Претходно, претседателот на Твитер предложи одложување на изборите, претпоставувајќи дека гласањето по пошта ќе ги направи изборите 2020 најнеточни во историјата на државата.

Тој додаде дека тоа ќе биде голем срам за САД, повикувајќи тие да се одложат додека луѓето да можат да гласаат соодветно и безбедно.

Претседателот нема моќ да ги одложи изборите. Согласно Уставот, Конгресот има право да одлучи кога ќе се одржат, а законот предвидува тие да бидат првиот вторник во ноември.

Републиканските законодавци ја отфрлија идејата дека изборите можат или оти ќе бидат одложени.

„Никогаш во историјата на Конгресот, преку војни, депресии и Граѓанска војна, не се случило изборите да не се одржат во закажаниот термин“, рече лидерот на мнозинството во Сенатот Мич Меконел.

И сенаторот Линдзи Грем рече дека и покрај тоа што е загрижен за изборни измами, не оправдува нивно одложување.

„Одложување на изборите не е вистинскиот одговор“, рече Грем.

Конгресменот од Илиноис Родни Дејвис, исто така, на Твитер напиша дека нема да има одложување на изборите.

Лидерот на демократите во Сенатот Чак Шумер, пак, рече дека претседателот се обидува да го одврати вниманието од неговиот неуспех да се справи со коронакризата.

Спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, на Твитер, додаде дека согласно Уставот, Конгресот може да го утврди денот на одржување на изборите.

И изборни официјални лица, активисти за човекови права и историчари, го критикуваат предлогот на Трамп за одложување на изборите.

Реизборната претседателска кампања на Трамп соопшти дека претседателот само го покренал прашањето за хаосот што го направиле демократите со инсистирањето да се гласа по пошта.

Јавните анкети покажуваат дека демократскиот претседателски кандидат Џо Бајден води пред Трамп во клучните сојузни држави.

Бајден претходно изјави дека Трамп ќе се обиде да ги одложи изборите.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG