Линкови за пристапност

Климатските промени и можното селење на американски работни места во Кина


Според експертите, можноста за напредок на американските компании е во обновливата енергија. Ќе има негативни последици, ако новиот претседател Трамп и' даде приоритет на индустријата за јаглен

„Удар за планетата“ – вака еколошката организација „Пријатели на планетата Земја“, ја опишаа победата на Доналд Трамп на изборите во вторникот.

Но, и покрај неговите ветувања за повторно отворање на рудниците за јаглен, повлекување на САД од Договорот за климатски промени во Париз, како и поништување на регулативи поврзани со животната средина, се чини дека штом ќе ја преземе функцијата во јануари, токму тука и би застанале овие иницијативи.

Според економистите, енергетските пазари се тргаат настрана од фосилните горива, а пазарот за обновлива енергија е во постојан пораст. Така што иронично, на сите ветувања на Трамп дека ќе креира нови работни места во САД, ако и натаму не отстапува од претходно наведените ставови, можно е да се случи во Кина да завршат уште поголем број работни места.

„Изборот на Доналд Трамп за претседател, можно е да биде деструктивен за нашата клима и нашата иднина“, вели Мајкл Брун, извршен директор на „Клубот Сиера“. Трамп е единствениот светски лидер кој го има „отфрлено научниот консензус дека климатските промени се реалност, и се причинети од човештвото“, додаде тој.

Во време кога е потребно агресивно скратување на нивото на штетните издувни гасови, предлозите на Трамп водат во спротивна насока.

Во меѓувреме, САД станаа светски најголем производител на природен гас, а падот на неговата цена помогна во истиснување на јагленот.

Според експертите, јагленот нема да се врати на пазарот. Ова е мислење и на претседателот на најголемата електрична централа во Западна Вирџинија, втор по големина производител на јаглен во САД.

„Во денешно време, не може да градите нови погони за јаглен“, вели Чарлс Патон од компанијата „Апалачијан пауер“. „Едноставно, не е економски исплатливо“.

Истовремено, додека има пад на цените на природниот гас, регистрирано е уште поголемо намалување на цените на обновливата енергија. Енергијата добиена од ветер е 60 проценти поевтина споредено со ситуацијата од пред седум години. Соларната енергија во големи количини е поевтина за 80 проценти.

Само минатата година, САД вложија многу на производство на енергија од ветер, споредено со кој било друг извор.

“На намалувањето на цените на обновливата енергија, реагираат и енергетските компании ширум светот. Дубаи, на пример, неодамна соопшти дека гради огромен соларен погон, што ќе произведува електрична енергија која ќе чини помалку од онаа добиена од погон на природен гас – и тоа во земја којашто веќе произведува природен гас”, вели Даниел Кејмн, претставник на Стејт департментот за наука, одговорен за Блискиот Исток и Африка.

“Можноста за напредок на американските компании и работни места е во обновливата енергија”, додава Кејмн, “и доколку Трамп, како главен приоритет го стави заживувањето на индустријата на јаглен, ќе значи удар на економските можности”.

Енергетската побарувачка во индустријализираниот свет само се очекува да расте, и тоа за 18 отсто до 2040-та година, соопшти Американската администрација за информации од областа на енергетиката. За земјите во развој, оваа бројка е 71 отсто.

Овие земји сакаат енергија добиена од обновливи извори, вели Кејмн, и тоа сакаат тие да бидат стационирани во САД.

За време на последната рунда разговори за климатски промени во Мароко, Кејмн остварил средби со преку 20 светски делегации. “Тоа се земји чија цел е до 2050-та година да добиваат чиста енергија од 50 или над 50 проценти, и сите сакаат да купат технологија од САД.

“Ако тоа не биде достапно, тогаш ќе одат на друго место”, вели овој аналитичар.

Со индустријата за соларни плочи доминираат кинески, тајвански и корејски компании. Мината година, кинеска компанија го презема водството со пазарот за турбини на ветер, елиминирајќи американска компанија.

Следната голема можност е складирањето на енергијата, вели Кејмн. Владата на САД веќе има големи инвестиции во истражување на ваква технологија.

“Ако го загубиме интересот на ова поле”, вели тој, “ќе избереме да и’ ги дадеме тие работни места на Кина”.

И додека Трамп своевремено кажа дека Кина го измислила концептот на глобалното затоплување, само за да го омаловажи американското производство, “Кина во моментов презема сериозна акција кога станува збор за климатските промени”, вели Ендрју Стиер од Институтот за светски ресурси. Кинеските градови се гушат заради загаденоста на воздухот, и Пекинг “верува дека тој ангажман е во најголем интерес на државата".

“Дополнително”, додава тој, “сосема е точно дека доколку САД заостанат во напорите, бенефициите - во целост, ќе одат на адреса на Кина”.

XS
SM
MD
LG