Од Белата куќа соопштија дека претседателот на САД Доналд Трамп, ќе присуствува на овогодинешниот Светски економски форум во Давос, Швајцарија. Ова е вторпат во историјата претседател од САД да присуствува на самитот, а првпат за последниве 18 години.
Портпаролката од Белата куќа Сара Хакаби Сандерс, изјави дека „претседателот ја поздравува можноста за унапредување на агендата „Америка прво“ со светските лидери. На годинешниот Светски економски форум, Трамп се надева дека ќе ја промовира својата политика за зајакнување на американскиот бизнис, американските индустрии и американските работници“.
Претседателите на САД имаат тенденција да избегнуваат собири на елитите, за да не бидат видени со богатата клиентела што го привлекува настанот.
Поранешниот претседател Бил Клинтон, беше првиот и последен претседател на САД кој лично присуствувал на ваков самит во 2000-та година, а претседателот Роналд Реган се обратил на форумот преку видео-врска.
Соединетите Американски Држави генерално испраќаат делегација од висок профил на овој настан. Во минатото, потпретседателите Дик Чејни и Џо Бајден ги предводеле делегациите. Поранешните потпретседатели Ал Гор, музичарот Боно, бразилскиот писател Пауло Коело и поранешниот британски премиер Тони Блер се редовни посетители. Исто така, често присуствуваат и шефови на држави од Европа и од Африка.
Светскиот економски форум е швајцарска непрофитна организација со мисија за „подобрување на состојбата на светот, преку ангажирање бизнис, политички, академски и други лидери за глобални, регионални и индустриски агенди“.
Годишниот состанок во јануари во Давос е најпознат и најголем по обем, со околу 2.500 учесници. Голем број регионални состаноци се одржуваат во текот на годината, но на сите се дискутира за економските и другите проблеми со кои се соочува светот.
Facebook Forum