Линкови за пристапност

Трамп може привремено да ја прекине работата на Конгресот, оти не му ги потврдува кандидатите за позиции во администрацијата


Гласот на Америка е една од владините агенции каде претседателот сака да го промени менаџментот, на што одговори директорката Аманда Бенет, велејќи дека светот верува во мисијата на Агенцијата

Претседателот на САД Доналд Трамп изјави дека може привремено да ја прекине работата на Конгресот оти законодавците не ги одобриле неговите кандидати за високи позиции во администрацијата, меѓу кои и номинацијата за независната агенција за контрола на Гласот на Америка.

„Имам многу голема моќ“, рече Трамп, повикувајќи се на вториот член во Уставот на САД, кој му дозволува на претседателот во ретки и исклучителни ситуации, да го суспендира едниот или двата дома на Конгресот.

„Сенатот треба или да ја исполни неговата должност и да гласа за моите номинации, или јас треба формално да ја прекинам неговата работа, за да можам да ги пополнам позициите“, додаде Трамп.

Тој, исто така, рече дека назначувањето на овие лица сега е важно повеќе од кога било порано, поради ситуацијата со вирусот.

Согласно Уставот, номинациите за бројни високи позиции во администрацијата треба да бидат потврдени со мнозинство гласови во Сенатот.

Сепак, во ситуации кога Конгресот не заседава, претседателот има право да назначи официјално федерално лице, како алтернативен метод да се пополнат испразнетите позиции, додека кандидатот не се потврди од Сенатот.

Мајкл Пек, изборот на Трамп за Американската агенција за глобални медиуми, е еден од 15 клучни номинации кои чекаат потврда од Сенатот.

„Номинацијата на Пек е заглавена во комисијата веќе две години, спречувајќи не` да раководиме со Гласот на Америка. Многу важно нешто“, рече Трамп.

Менаџментот на Гласот на Америка ја отфрли критиката на Трамп.

„Повеќе од 75 години Гласот на Америка има мисија да ја пренесе американската приказна надвор, како и да обезбеди објективни информации, базирани на факти низ целиот свет, каде нема друг пристап до нив“, изјави директорката на Гласот на Америка Аманда Бенет, додавајќи:

„Верувам во таа мисија. Светот верува во нашата мисија, ценејќи по начинот на која нашата публика се врти кон нас за информации, на кои можат да им веруваат во оваа криза со коронавирусот. Ова е тешка работа, и важна, можеби како никогаш досега“, рече Бенет.

Бенет беше назначена на оваа позиција од претходната админстрација на претседателот Барак Обама.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG