Обидот на Белата куќа и Конгресот за постигнување на заеднички двопартиски договор за инфраструктурата пропадна откако претседателот Доналд Трамп се закани дека ќе престане да соработува со демократите, ако тие продолжат со надзорот на неговата администрација.
Според присутните во Овалната канцеларија, претседателот Трамп вчера одбил да се ракува со законодавците и да учествува на закажаната средба со конгресните демократи.
Веднаш потоа Трамп ја критикуваше спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси за нејзините коментари дека тој е вклучен во „прикривање“.
Тој ги обвини демократите затоа што наводно истото утро разговарале за можен негов импичмент.
Трамп им рекол на Пелоси и на лидерот на малцинството во Сенатот, Чак Шумер дека посакува да направи инфраструктурен договор, но дека тоа е невозможно под овие околности.
Претседателот кажа дека истрага на специјалниот советник на Роберт Мулер била „обид за уривање на претседателот на САД“.
Шумер и Пелоси пак го обвинија Трамп дека намерно излегол од состанокот за да не преговара за инфраструктурата. Шумер рече дека Трамп бил принуден да излезе, затоа што не можел да каже како ќе биде платена сметката за инфраструктурата.
Во серијата пораки ан Твитер, Трамп ги обвини демократите дека не сакаат ништо, туку да продолжат со истрагата против него.
Facebook Forum