Линкови за пристапност

Контроверзата со мигрантите - во фокусот на средбите на Трамп во Конгресот


Ова се случува додека се интензивираат повиците за прекин на политиката на одвојување на децата од родителите кои илегално се обиделе да ја поминат јужната граница на САД

Американскиот претседател Доналд Трамп, попладнево по локално време, ќе се состане со републиканските законодавци и ќе разговара за имиграционата легислатива. Ова се случува додека расте кризата и повиците за прекин на политиката на одвојување на децата од родителите кои илегално се обиделе да ја поминат јужната граница на САД.

Трамп, во неколку коментари на Твитер, продолжи да ја брани својата политика на „нула толеранција“ за нелегалното влегување на мигранти во САД, велејќи: „Секогаш мораме да ги уапсиме луѓето кои доаѓаат во нашата земја по илегален пат“, додавајќи дека „сега е најдобрата можност досега, Конгресот да ги промени смешните и застарени закони за имиграцијата, а законодавците ги повика секогаш на ум да ја имаат потребата од силна погранична безбедност“.

Претставничкиот дом подоцна неделава, треба да гласа по два имиграциони предлог-закона, вклучувајќи и одредби со кои ќе се спречи одвојувањето на децата од нивните родители на границата. Мерките воедно треба и да го отворат патот за државјанство за 1,8 милиони млади кои веќе се во САД, а кои незаконски биле донесени во земјата од нивните родители кога биле деца. Сепак, во моментов не се знае дали кој било од овие одредби ќе имаат доволно гласови за да бидат усвоени.

На вчерашниот состанок со републиканските сенатори, Трамп се закани дека ќе нареди привремено затворање на владата кон крајот на септември, пред почетокот на новата фискална година на 1-ви октомври, ако Конгресот не одобри 25 милијарди долари за изградба на ѕид долж мексиканската граница, за да се спречи натамошна илегална миграција во САД. Досега, Конгресот има одобрено малку средства за ѕидот.

Во меѓувреме, бројни републикански и демократски законодавци го повикаа претседателот да го прекине пристапот за одвојување на децата од родителите на јужната граница, нарекувајќи го неприфатлив.

Сите четири поранешни први дами на САД, Мишел Обама, Лора Буш, Хилари Клинтон и Розалин Картер, ја осудија оваа политика. Сопругата на Трамп, Меланија, преку нејзината портпаролка, кажа дека „мрази да гледа како децата се одвојуваат од семејствата и дека САД треба да бидат земја којашто ги следи сите закони, но и земја која владее со срце“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG