Линкови за пристапност

Поранешниот директор на ФБИ на „жешко столче“


Џејмс Коми, кого претседателот на САД Доналд Трамп го отпушти од функцијата, денеска беше на сослушување пред Сенатската комисија за разузнавање

Пред американските законодавци Џејмс Коми образложуваше како претседателот Доналд Трамп од него побарал да се заколне на лојалност и го повикал да се откаже од истрагата за наводна поврзаност меѓу негови помошници во кампањата и руски претставници.

Ова беа први јавни коментари на поранешниот директор на ФБИ за деветте разговори кои тој кажа дека ги имал со претседателот Трамп, во период од неколку месеци пред да биде отпуштен - три лице-в-лице и шест телефонски разговори.

Коми синоќа обелодени копија од неговото уводно излагање. Во неа вели дека по вечера со претседателот, Трамп му кажал: „Потребна ми е лојалност, очекувам лојалност. Не се помрднав, ниту изустив нешто, ниту направив некаква гримаса за време на чудната тишина што следеше потоа“.

Сослушувањето траеше речиси три часа, а настанот беше проследен во живо од главните американски телевизиски мрежи.

Коми истакна дека била и се` уште е „мошне сигурна оценката“ на разузнавачката заедница на САД, дека Русија била вмешана во кампањата 2016 година.

Поранешниот директор на ФБИ кажа дека бил збунет од различните објаснувања на Трамп и неговите помошници за неговото разрешување од функцијата и дека тие одбрале да „ја оцрнат“ неговата работа како директор на ФБИ со тврдењето, што според Коми, е погрешно, дека агенцијата е во неред. „Тоа, едноставно е лага“, рече тој.

Подоцна во денот, Сенатската комисија за разузнавање се состана зад затворени врати и продолжи да ги слуша изјавите на Коми, кој претходно кажа дека е подготвен да разговара за неколку прашања коишто не треба да бидат јавни. Сенаторите се сретнале во дел на зградата на Капитол хил конфигуриран како „безбедносен објект за информации“, изграден специјално за да се избегнат секакви обиди на прислушување.

И покрај препознатливиот начин на комуникација преку Твитер, претседателот Трамп овојпат не го стори тоа за време на сослушувањето во Сенатот.

Неговиот личен адвокат Марк Kaсовиц, за новинарите изјави дека претседателот никогаш не дискутирал „лојалност“ со Коми, во која било форма и никогаш не кажал или сугерирал господинот Коми да престане да истражува некого“, додавајќи дека претседателот во ниту една ситуација не вршел притисок врз Коми.

Во делот од сведочењето, отворено за јавноста, Коми кажа дека Трамп од него побарал да ја „прости“ истрагата за Мајкл Флин, кој беше отпуштен од функцијата советник за национална безбедност на Трамп, наводно поради тоа што го излажал потпретседателот Мајк Пенс за разговори што Флин ги имал со рускиот амбасадор во Вашингтон.

Коми додаде дека Трамп не му наредил да ја запре истрагата за врските на Флин со Русија, но рече: „Јас тоа го сфатив како давање директива и дека тоа е она што тој го бара од мене“.

Поранешниот директор на ФБИ не ја прекинал истрагата. Тој изјави дека и неговите колеги од Бирото биле исто така „шокирани и вознемирани“ од коментарите на Трамп барајќи да се прекине истрагата за Флин.

Коми рече дека за време на телефонски повика на 30-ти март, Трамп истрагата за Русија ја опишал како „облак“, кој ја нарушува неговата способност да дејствува во име на државата... „Тој ме праша, што можеме да сториме за да го подигнеме тој облак. Му одговорив дека го истражуваме ова прашање колку што може побрзо, и дека ќе има голема корист, ако не најдеме ништо. Тој се согласи, но потоа повторно се наврати на проблемот“, изјави Џејмс Коми на денешното сослушување во Сенатот.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG