Линкови за пристапност

Трамп и неговиот адвокат дискутирале потенцијална исплата за приказна на манекенка


Тајната снимка била направена од адвокатот на Трамп, Мајкл Коен

Американските кабловски телевизиски мрежи дошле до аудио снимка во која претседателот Трамп и неговиот долгогодишен адвокат Мајкл Коен дискутираат за потенцијална исплата за правата врз приказна на манекенка за нејзината наводна афера со Трамп.

Коен тајно го снимал разговорот во септември 2016 кога Трамп се кандидирал за претседател. Адвокатот на Коен, Лени Дејвис, снимката ја направил достапна за CNN.

Трамп неколку пати негирал афера со манекенката на Плејбој Карен МекДугал, која ја продала приказната на издавач на таблоид, Американ Медиа, за 150.000 долари. Таква приказна никогаш не е објавена.

Во кусата снимка, Коен зборува за потребата „да се отвори компанија за трансфер за сите тие информации во врска со нашиот пријател, Дејвид“, што е можна референца на пријателот на Трамп и претседател на Американ Медиа Дејвид Пекер.

Трамп во еден момент прашува колку треба да се плати, „Сто педесет?“

Тој исто така споменува можна исплата во кеш, но тешко е да се чуе дали сугерира исплата во готово или не.

Во април, ФБИ изврши упад во канцеларијата на Коен и неговиот дом при што заплени десетици снимки кои биле испратени на федералните обвинители минатата недела.

Трамп не беше среќен со истрагата на Коен.

Минатата недела тој напиша на Твитер дека е „незамисливо владата да упадне во канцеларија на адвокат, рано наутро – нечуено. Уште понесфатливо е тој адвокат да го снима клиентот – не само нечуено туку може и нелегално. Добра вест е што вашиот омилен претседател не направил ништо лошо!“

Различни сојузни држави имаат различни правила за снимање разговори. Во Њујорк, каде се случило снимањето, само една од страните треба да дала согласност за снимањето, така што Коен бил на легална територија кога го снимал разговорот со Трамп.

XS
SM
MD
LG