Линкови за пристапност

Трамп денес ќе одлучи дали САД се повлекуваат од Договорот за климатски промени


Веста ина лошо кај еколошката заедница, а градоначалниците на најголемите градови на САД ветија дека ќе останат верни на договорот од Париз, без оглед на она што ќе одлучи претседателот

Претседателот Доналд Трамп изјави дека денес попладне ќе ја соопшти неговата одлука за тоа дали САД ќе се повлечат од Договорот за климатски промени од Париз, кој беше постигнат во 2015-та година.

Тој, на неговиот Твитер профил, напиша дека одлуката ќе ја соопшти на настан во Градината на розите во Белата куќа, закажан за во 15 часот по локално време. Пораката ја заврши со слоганот од неговата кампања, „Да ја направиме Америка повторно голема“.

Вчера, по посетата на виетнамски премиер Нгуен Суан Фук, Трамп кажа дека сослушал „многу луѓе од двете страни“, додека ги разгледувал опциите.

Портпаролот на Белата куќа Шон Спајсер, кажа дека во консултациите биле вклучени американски бизнис-лидери и странски шефови на држави.

Повеќе новински агенции известуваат дека претседателот денеска ќе објави дека се повлекува од глобалниот договор, кој е поддржан од 195 земји. Таквиот потег, пишуваат тие, ќе биде пресврт по политиката на администрацијата на Обама, и ќе биде прифатен од републиканската база, но, оти ќе ги разлути еколозите и сојузниците на САД.

Веста за донесувањето на одлуката помина лошо кај еколошката заедница, а градоначалниците на најголемите градови на САД ветија дека ќе останат верни на договорот, без оглед на она што ќе одлучи Трамп.

„Ако Белата куќа се повлече од Парискиот климатски договор, ние ќе го прифатиме во Лос Анџелес“, напиша на Твитер градоначалникот на Лос Анџелес Ерик Грасети.

Градоначалникот на Њујорк Бил де Бласио, исто така преку Твитер, кажа: „Ќе ги преземеме работите во свои раце, јас планирам да потпишам извршна наредба, Њујорк да остане посветен на договорот од Париз“.

Активистите против климатските промени искажаа незадоволство, претпоставувајќи дека одлуката ќе биде против нивните интереси.

„Доналд Трамп ќе направи историска грешка. Кога нашите внуци ќе погледнат наназад, со разочарување ќе констатираат дека било можно, светски лидер да биде толку далеку од реалноста и од моралот“, рече во соопштение испратено до Гласот на Америка, Мајкл Бруни, претседател на Сиера клубот.

Слична изјава даде и Лигата на гласачи, која се залага за заштита: „Со оваа неодговорна одлука, претседателот Трамп не само што ќе го загрози здравјето и безбедноста на американските заедници, туку исто така ја поткопува позицијата на САД како глобален лидер по овие прашања“, соопшти Лигата на гласачи.

Милијардерот и претприемач Елон Маск, основачот на Спејс икс, се закани дека ќе поднесе оставка од Советодавниот одбор во Белата куќа, ако претседателот се повлече од договорот. Тој на Твитер напиша: „Во тој случај немам друг избор освен да си заминам од Советот“.

Но, не сите реакции беа негативни.

Група од 22-ца републикански сенатори, минатата недела до Трамп напишаа писмо барајќи од него „целосно да се повлече од Договорот од Париз“.

Во писмото се тврди дека „ако САД останат, ќе бидат под ризик на значителни судски постапки“, коишто може да ги комплицираат напорите на Трамп за промена на прописите од ерата на Обама, познати како План за чиста енергија.

Freedom Works, организација посветена на принципот за помала влада, во соопштение кажа дека почитувањето на договорот ќе ја чини економијата на САД повеќе од два трилиони долари, и речиси 400.000 работни места.

„Американците не видоа вистински економски раст и плати во премногу долг период. Овој договор е во погрешна насока и со него не може да се постигне рамнотежа помеѓу зачувување на животната средина и просперитетот“, се вели во соопштението.

Брет Шефер од Фондацијата Херитиџ, кажа дека одлуката за повлекување од Парискиот договор треба да биде лесна за Трамп, затоа што тој беше избран со слоганот дека климатските промени се „измама“.

„Ако се повлечете, ќе бидете критикувани од еколошките групи и политичката левица, кои најверојатно не ве поддржуваат во секој случај“, вели Шефер и додаде:

„Ако ги избегнете овие критики ќе наметнете повисоки трошоци на американските гласачи, потрошувачи и бизнисмени. Ќе му наштетите на американскиот економски раст, и ќе прекршите изборно ветување. Тоа е избор помеѓу црно и бело, и мислам дека изборот на претседателот е прилично јасен“, рече Шефер.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG