Линкови за пристапност

Светските лидери разочарани од одлуката за Договорот за климатски промени


Светските лидери и еколошките групи изразија разочараност од одлуката на претседателот Доналд Трамп да ги повлече САД од Договорот за климатски промени, склучен во Париз во 2015-та година.

Францускиот претседател Емануел Макрон, обраќајќи се и на француски и англиски јазик, кажа дека верува оти Трамп направил историска грешка. Макрон истакна дека американските научници и претприемачи во Франција „можат да најдат втора татковина“, повикувајќи ги да се преселат во оваа земја, каде би можеле да „работат заедно на конкретни решенија за нашата клима, нашата животна средина“. Макрон додаде дека ќе работат во Франција за да ја „направат нашата планета повторно голема и значајна“, слоган, сличен на оној од кампањата на Трамп – за да се „направи Америка повторно голема“.

Германската канцеларка Ангела Меркел, Парискиот договор го нарече „историски чекор напред“, додавајќи дека „оваа одлука не може, и нема да го запре секој од нас, кој се чувствува должен да ја заштитиме нашата планета Земја. До сите оние за кои иднината на планетата е важна, им порачувам - да продолжиме по овој пат заедно, за да можеме да успееме во името на планетата“.

Подеднакво разочарување стигна и од одредени земји во развој. „САД тукушто се откажаа од раководството по клучно прашање за светот, кажа преку Твитер, претседателот на Гана, Џон Maхама.

Претседателот Трамп изјави дека е во интерес на САД да го напуштат Договорот, велејќи: „јас сум избран да ги претставувам граѓаните во Питсбург, а не во Париз“.

Непосредно по ова, градоначалникот на Питсбург, Бил Педуто, каде на минатогодишните избори 80 отсто од гласовите биле за Хилари Клинтон, изјави: „Питсбург стои рамо до рамо со светот и ќе го следи Договорот од Париз“.

Поранешниот претседател Барак Обама, кој одигра клучна улога во посредувањето на договорот за климатски промени, издаде соопштение во кое кажа дека „дури и во отсуство на американското лидерство, дури и додека оваа администрација се приклучува на мал број држави кои ја отфрлаат иднината, убеден сум дека нашите сојузни држави, градови и бизниси, ќе се организираат и ќе вложат уште поголеми напори за да предводат во остварување на целта, и да помогнат да се заштити единствената планета што ја имаме за идните генерации.

Ричард Ди Натале, лидерот на лидерот на Партијата на зелените во Австралија, изјави дека со повлекувањето од Договорот од Париз, „Доналд Трамп покажа дека САД не треба да бараат место во глобалното лидерство“.

Коичи Јамамото, министер за животна средина на Јапонија, изјави дека со одлуката, „исто како да сте и` свртиле грб на мудроста на човештвото“. Тој додаде: „покрај тоа што сум разочаран, истовремено сум и лут“.

Канадскиот премиер Џастин Трудо имаше телефонски разговор со Трамп, при што го изрази своето разочарување по прашањето. Канадскиот лидер, сепак кажа дека е охрабрен од „зголемената динамика во светот во борбата против климатските промени и транзиција кон економии со чиста енергија“.

„Договорот од Париз ја обезбедува вистинската глобална рамка за заштита на благосостојбата и безбедноста на идните генерации, додека енергија е со прифатлива цена и безбедна за нашите граѓани и бизниси“, му порачала на претседателот Трамп британската премиерка Тереза Меј, исто така за време на телефонски разговор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG