Линкови за пристапност

САД и Кина пред договор за ЗТЕ


Потегот доаѓа во време кога се намалува стравот од започнување на трговска војна меѓу Вашингтон и Пекинг

САД и Кина го финализираат договорот за укинување на седумгодишната забрана за продажба на американски делови за кинеската телекомуникациска компанија ЗТЕ, како дел од трговските преговори помеѓу двете најголеми светски економии.

Деталите се` уште се утврдуваат, но американските медиуми велат дека како дел од договорот, ЗТЕ ќе треба да направи големи промени во менаџментот, и најверојатно да плати дополнителна казна. Минатата година САД и` наложија на кинеската компанија да плати 1,2 милијарди долари заради нарушување на американските санкции кон Кина и Северна Кореја.

Американскиот претседател Доналд Трамп минатата недела рече дека работи со кинескиот претседател Ши Џинпинг за спас на ЗТЕ. Трамп истакна дека „многу работни места во Кина“ биле загубени по воведувањето на забраната за продажбата на американски делови на кинеската компанија.

Иако некои американски претставници велат дека казната кон ЗТЕ е акција заради непочитување на законот, претседателот Трамп прашањето го поврза со преговорите со Пекинг во врска со царините. Мината недела двете држави се повлекоа од намерите за воведување на повисоки царини, а Кина са согласи „на значително намалување“ на американскиот трговскиот дефицит, кој сега изнесува 375 милијарди долари.

Висината на можната нова казна за ЗТЕ не беше објавена.

Во неделата, советникот за економски прашања на Белата куќа Лари Кудлоу, рече дека не треба да се очекува дека ЗТЕ ќе помине без казна.

Во меѓувреме, Кина објави дека од 1-ви јули ќе ги намали царините за увоз на автомобили од 25 на 15 проценти, ниво кое сепак е многу повисоко од она кое САД го имаат за увоз на автомобили од странство.

Трамп неколкупати спомена дека царините од 25 проценти за увоз на автомобили, е клучна трговска бариера меѓу двете држави.

Тој во понеделникот кажа дека новите трговски преговори со Кина ќе значат поголеми придобивки за американските фармери.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG