Линкови за пристапност

Трамп сака фер трговски врски со Кина


Претседателот на САД вели дека трговските политики, заедно со кратење на даноците ќе овозможат понатамошен раст на економијата

Американскиот претседател Доналд Трамп кажа дека САД и Кина ќе имаат „фантастични трговски врски“ но дека тие ќе бидат поинакви од оние кои ги водеа претходните претседатели.

Во говорот пред група бизнис лидери, Трамп рече дека сака успешна Кина, но дека тој исто така сака кинеската политика да ги третира САД правично.

Трамп често посочува на Кина кога зборува за неизбалансирани трговски врски, кои тој сака да ги промени во корист на американските работници. Тој воведе повеќе од 30 милијарди долари нови царини за кинески производи. Вчера американската администрација соопшти дека ќе воведе нови царини вредни 16 милијарди долари, кои ќе влезат во сила подоцна месецов.

Кина соопшти дека планира да одговори на мерката, воведувајќи царини за американски производи. Пекинг вчера ги објави најновите трговски податоци покажувајќи пораст на извозот во јули и покрај американските мерки.

Професорот по применета економија на Универзитетот Џонс Хопкинс и поранешен официјален претставник на администрацијата на Реган, Пол Ханке за Гласот на Америка изјави дека трговскиот дефицит на САД со Кина „не е вистински проблем.“

Тој ситуацијата ја спореди со трговскиот дефицит што САД го имаа со Јапонија во 1980-тите години, што го поттикна претседателот Роналд Реган да воведе протекционистички политики слични на оние кои Трамп ги поддржува.

Но, Ханке вели дека очекува Кинезите да одговорат посилно од Јапонците.

„Кина е голема сила и тие ќе играат потешка игра со САД, така што ова ќе се влоши, нема да се подобри“, рече тој.

Трамп во вторникот рече дека неговата администрација веќе ги искористила даночните олеснувања, дерегулацијата и трговските политики за зајакнување на американската економија, која во второто тримесечје од годинава порасна за 4,1 проценти.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG