Претседателот на САД Доналд Трамп, продолжува да се соочува со критики за неговото тврдење дека обете страни, и белите супремацисти и контра-демонстрантите, се виновни за смртоносното насилство во Шарлотсвил, Вирџинија.
Двајца поранешни американски претседатели, Џорџ Х.В. Буш и неговиот син Џорџ Буш, издадоа заедничка изјава, во која велат дека „Америка секогаш мора да го отфрли фанатизмот на расна основа, антисемитизмот и омразата во сите нејзини форми“.
Поранешните претседатели додадоа: „Додека се молиме за Шарлотсвил, потсетени сме на основните вистини што ги забележал најистакнатиот жител на овој град во Декларацијата за независност: сите ние сме создадени еднакви и обдарени од нашиот Творец, со неотуѓиви права“, мисла на Томас Џеферсон, еден од основачите на државата. „Знаеме дека овие вистини треба да бидат вечни, бидејќи ни` е позната пристојноста и величината на нашата земја".
Во меѓувреме, претседателот Трамп соопшти дека ја прекинал работата на двете советодавни бзнис-комисии, во кои членуваа врвни директори на американски приватни компании. Ова се случува откако најмалку седуммина директори на корпорации кои служеа во одборите на Белата куќа, се откажаа од членството по првичните коментари на претседателот Трамп за настаните во Вирџинија.
Трамп за време на вчерашната прес-конференција, повторно ги обвини двете страни за смртоносониот собир викендов, во кој загина едно лице, а десетици други беа повредени.
Според критиката, првата изјава на претседателот била слаба и не ги осудила белите супремацисти, нагласувајќи го нивното име, и наместо тоа, велат тие, Трамп ги повикал сите страни како одговорни за насилството.
Трамп изјави дека му биле потреби сите факти, пред да даде конкретна изјава.
„Првата изјава што ја дадов во саботата беше добра. Сакам да бидам коректен. Искрено, ако не беа лажните вести, медиумите ќе кажеа дека она што го кажав беше многу добро“, рече Трамп.
Спикерот на Претставничкиот дом Пол Рајан, рече: „Мора да бидеме јасни. Белата надмоќ е одбивна. Оваа нетрпеливост е спротивна на сето она за што се залага оваа земја. Не може да има морална двосмисленост“.
Сенаторот и поранешен претседателски кандидат, Марко Рубио, истакна: „Господине претседателе, не можете да дозволите белите супремацисти да споделуваат само дел од вината“.
Гувернерот на Охајо и исто така поранешен републикански претседателски кандидат, Џон Кејсич, рече: „Претседателот на САД треба да ги осуди овие видови групи на омраза, заради фактот дека овие луѓе наводно ќе одат на други места и сметаат дека извојувале некаква победа. Не постои морална еквивалентност меѓу ККК, нео-нацистите и сите други".
Лидерот на малцинството во Сенатот, демократот Чарлс Шумер, изјави: „Кога Дејвид Дјук и белите надмоќници ги поздравуваат вашите коментари, тоа значи дека она што го правите е многу погрешно. Големите и добри американски претседатели сакаат да обединуваат, а не да се делат“.
Со реакција се огласи и британската премиерка Тереза Меј:
„Не гледам никаква еквивалентност меѓу оние кои искажуваат фашистички ставови и оние кои им се спротивставуваат. Сметам дека е важно за сите кои се на одговорни позиции, да ги осудат екстремно десничарските ставови, каде и да бидат слушнати“.
Претходно, германската канцеларката Ангела Меркел ги осуди белите националисти на собирот во Шарлотсвил. Таа преку нејзиниот портпарол кажа: „Имаше шокантен расизам, антисемитизам и омраза во нејзина најневообичаена форма, и кога станува збор за таков говор или слични прикази, тоа е одбивно“.
Facebook Forum