Реизборната кампања на претседателот на САД Доналд Трамп и групи на Републиканската партија, го тужат округот Вудбери во сојузната држава Ајова, барајќи да поништи илјадници барања за гласачки ливчиња испратени по пошта, објави Асошиетед прес.
Минатата недела тие покренаа исти вакви тужби и против изборни официјални лица во окрузите Лин и Џонсон.
Според нив, проблемот е во тоа што формуларите биле испратени со веќе пополенти информации, вклучувајќи имиња, датум на раѓање и гласачки код, кој малкумина го знаат.
Гласачите, пак, треба само да ги разгледаат, потпишат и вратат формуларите, за да ги добијат гласачките ливчиња на почетокот на октомври.
Повеќе од 70.000 лица побарале гласачки ливиња во овие три општини.
Според тужбите, окрузите ја прекршиле наредбата од државниот секретар на Ајова Пол Пејт, кој им кажал на локалните официјални лица дека формуларите мора да бидат испратени празни.
Властите во овие општини велат дека правеле се` што е во нивна моќ за да го овозможат гласањето по пошта за време на пандемијата.
Согласно законот, кој бил донесен со републиканска поддршка, официјалните лица мора да ги контактираат гласачите преку имејл или пошта за сами да ги коригираат грешките, нешто што демократите сметаат дека одзема многу време.
Продемократски групи покренаа тужба за уставноста на ова законско решение, сметајќи дека го попречува правото на гласање.
Републиканците, пак, веруваат дека обврската граѓаните сами да ги обезбедат нивните информации претставува заштита од можни злоупотреби.
Facebook Forum