Линкови за пристапност

И републиканците го отфрлаат буџетот на Трамп


Реакции во медиумите, по предложениот буџет на претседателот за кратење на 3.6 трилиони долари во наредните десет години

Предлогот на претседателот Доналд Трамп за кратење од буџетот за преку 3.6 трилиони долари, наредните десет години, вклучувајќи големо кратење на програмите за помош на сиромашни, се соочил со голема критика во Конгресот. И републиканците се согласиле дека Белата куќа отишла предалеку, пишува Вашингтон пост.

Додека некои конзервативни законодавци, конкретно од Претставничкиот дом, го пофалиле планот на Трамп за балансирање на буџетот во рок од десет години, повеќето републиканци го одбиле предлогот на Белата куќа

Според весникот, предлогот води до поделеност меѓу конзервативните во Претставничкиот дом и зголемениот број републиканци во Сенатот кои претпочитуваат да соработуваат со демократите, со цел да се постигне договор за буџетските трошоци.

„Ова е игра“, изјавил за Вашингтон пост сенаторот од Тексас Џон Корнин, нагласувајќи дека „буџетот на претседателот нема да помине како што е предложен“.

Според објавените реакции во весникот, лидерот на мнозинството во Сенатот Мич Меконел, рекол дека треба да се договори границата за договор со демократите во овој дом.

„Тие нема да бидат ирелевантни во процесот, и во еден момент во блиска иднина, ќе почнат овие дискусии“, изјавил Меконел.

Весникот пренесува дека од Комисијата за одговорен федерален буџет, рекле дека предлогот на Белата куќа нема да го елиминира дефицитот, и оти ќе дозволи долгот на САД да продолжи да расте во наредната деценија.

Денешен Њујорк тајмс објави дека за републиканецот Херолд Роџерс кратењата се „многу штетни“.

„Ќе биде многу тешко предложениот буџет да мине во обата дома на Конгресот“, изјавил Роџерс за овој весник.

Според Њујорк тајмс, спикерот на Претставничкиот дом Пол Рајан, најавил дека Конгресот ќе го земе претседателскиот буџет, и „ќе работи на негов буџет, како што е случај секоја година“.

Како што е наведено во весникот, следен чекор е, Комисиите за буџет на Претставничкиот дом и на Сенатот да ги објават нивните предлози во јуни.

Предлог-буџетот на Трамп беше објавен вчера, а во неговата порака за буџетот тој изјави:

„Време е Конгресот да делува. Времето за краткорочно размислување заврши“, пренесува Њујорк тајмс.

Буџетот на Трамп предвидува 3.6 трилиони долари да бидат скратени во наредните десет години. Најголемиот дел од кратењата, или 800 милијарди долари, се од програмата Медикејд, што произлегува од претпоставеното укинување на Законот за здравствена заштита на претходниот претседател Барак Обама или Обамакеар, други реформи, како и намалување на 191 милијарда долари - трошоци од програмата за бонови за храна, која моментално ја користат преку 40 милиони луѓе.

Предвидени се кратења и на студентските заеми и на програмите за пензионирање на федералните вработени, додека средствата за одбраната се зголемуваат.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG