Линкови за пристапност

Трамп ќе повика на големи кратења на даноците за корпорациите


Портпаролот на Белата куќа, изјави дека САД „не се конкуретни" на пазарот споредено со други земји во привлекување нови бизниси

Очекувањето дека американскиот претседател Доналд Трамп денеска ќе излезе со план за големи корпоративни и индивидуални даночни намалувања, вчера доведе до рекорден раст на акциите на Вол Стрит и скок на вредноста на азиските пазари во текот на ноќта.

Белата куќа соопшти дека лидерот на САД, од Конгресот ќе побара кратење на актуелните 35 проценти, на 15 проценти, ветување што за прв пат го даде за време на минатогодишната претседателска кампања.

Портпаролот Шон Спајсер, изјави дека САД „не се конкуретни" на пазарот споредено со други земји во привлекување на нови бизниси, „главно заради нашите даночни стапки“.

Американските законодавци веќе со години ветуваат усвојување на широки даночни реформи, но засега безуспешно. Конгресот во моментов не може да излезе во пресрет на барањата за елиминирање на даночните олеснувања за одредени корпорации и поединечни интереси, за сметка на зголемување на други.

Се претпоставува дека даночната политика на претседателот Трамп ќе се соочи со повеќемесечни распити и дебати во Конгресот, каде неговите републикански колеги имаат свои идеи за начинот на изведување на реформите. Одредени законодавци изразија загриженост дека најновиот план на Трамп за големо кратење на корпоративните даноци, би можел да го зголеми долгорочниот долг на САД во висина од речиси 20 трилиони долари, доколку не постојат соодветни мерки за зголемување на приходите.

Американската економија - најголема во светот, минатата година порасна со млако темпо од 1,6 проценти, бројка што Трамп се надева ќе се искачи на 3 проценти годишно. САД последен пат ова го постигнале во 2005-та година.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG