Линкови за пристапност

Трамп рече дека ќе има депресија ако победи Бајден, тој возврати дека претседателот нема план за пандемијата


Двајцата кандидати цврсто се спротивставија околу контролата на коронакризата во САД

Претседателот на САД Доналд Трамп, за време на вчерашната дебата, рече дека ако Бајден ја презел функцијата следниот јануари, ќе имало депресија каква што никогаш претходно не била видена, поради планот на демократите да ги покачат корпоративните даноци од 21 на 28 проценти, како и на лицата кои заработуваат повеќе од 400.000 долари годишно.

Двајцата кандидати цврсто се спротивставија и околу контролата на пандемијата во САД.

„Претседателот нема план“, рече Бајден, додавајќи дека знаел оти е смртоносен и не им кажал на граѓаните за тоа.

Тој, исто така, рече дека причина за високата смртна стапка е тоа што претседателот е таков каков што е.

Трамп одговори дека направиле одлична работа, и оти во прашање се недели кога ќе има вакцина.

Претседателот го обвини Бајден за неговите реакции оти вовел рестрикции за патување од Кина, велејќи дека ако не постапел така, два милиона граѓани во САД ќе го изгубиле животот како последица на вирусот.

Бајден рече дека Трамп ги нарекол губитници војниците кои загинале во војните на САД, додавајќи дека неговиот син Бо Бајден, кој служел во Армијата пред да почине од рак во 2015 година, не бил губитик.

Трамп рече дека не знаел за Бо Бајден, но, оти знаел дека неговиот син Хантер се стекнал со финасиска корист од украинската компанија Барисма, додека Бајден бил потпретседател и ја надгледувал политиката на САД кон Украина.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG