Линкови за пристапност

Трамп продолжува со нападите кон Балтимор и конгресменот Камингс


Претседателот на САД Доналд Трамп продолжи со критиката кон градот Балтимор, сојузната држава Мериленд и конгресменот Елајџа Камингс кој е критички настроен кон администрацијата на Трамп.

„Во Балтимор, под лидерство на Елајаџа Камингс има најмногу криминал на национално ниво. 25 години дискусија и никаква акција.“ напиша Трамп на Твитер. „Уморен сум од слушање на истите стари изговори. Свештеникот Ал ќе се појави да се пожали и да протестира. Ништо не е направено за луѓето кои имаат потреба. Тажно.“

Свештеникот Ал Шарптон, кој е активист за граѓански права и Мајкл Стил кој беше гувернер на Мериленд и шеф на Републичкиот национален комитет во Балтимор денес одржуваат заеднички настан. Шарптон рече дека двајцата ќе одржат прес-конференција „за да се осврнат на забелешките на Трамп и двопартиската лутина во афроамериканската заедница“.

Трамп во серијата коментари на Твитер го нарече 68 годишниот Камингс „брутален силеџија“ и тврди дека неговата конгресна област е „одвратно место, преполно со стаорци.“ Трамп вели дека областа која ја претставува Камингс е „многу поопасна“ од граничните објекти каде што владата ги притвора нелегалните мигранти кои ја преминале границата на САД.

Меѓутоа, владините статистики покажуваат дека областа која ја преставува Камингс, која вклучува сиромашни делови од Балтимор, но и добростоечките приградски населби има повисок приход по глава на жител од националниот просек.

Трамп ги отфрли критиките за неговиот последен напад врз малцински законодавец, велејќи: „Нема ништо расистичко да се нагласи она што повеќето луѓе веќе го знаат, дека Елајџа Камингс направи ужасна работа за граѓаните од неговата област и Балтимор. Демократите секогаш играат на расистичка карта, кога не можат да победат со факти. Срамота!“ рече тој.

Трамп неодамна нападна четири демократски конгресменки велејќи дека тие треба да „вратат“ во нивните матични земји, иако сите четири се американски државјанки.

Во друг коментар, Трамп запраша: „Зошто толку многу пари се испраќаат во областа од каде што доаѓа Елајџа Камингс, кога таа се смета за една од најлошите и најопасните во САД. Ниту еден човек не сака да живее таму. Колку е украдено? Веднаш да се истражи тој корумпиран хаос!“

Конгресменот Камингс одговори на коментарите на Трамп, велејќи: „Господине претседателе, секојдневно ја посетувам мојата област. Се будам и одам да се борам за моите соседи. Моја законска обврска е да вршам надзор над извршната власт. Но, моја морална должност е да се борам и за моите конституенти.“

На неодамнешните сослушувања во Конгресот, Камингс како претседател на Комисијата за надзор го прекори Кевин Макалинан, раководителот на Одделот за домашна безбедност за состојбата со притворните центри на границата и спроведувањето на владината политика на одвојување на децата и родителите на границата.

Камингс го наведе заклучокот на федерален судија дека Одделот за домашната безбедност „завршил подобра работа за следење на личниот имот на мигрантите отколку нивните деца“.

Трамп се спротивстави, велејќи дека „Како што беше докажано минатата недела за време на конгресната посета, границата е чиста, ефикасна и добро раководена, само преполнета“.

Шефот на кабинетот на Белата куќа, Мик Мулвани, ја отфрли идејата дека нападите на Трамп на Камингс биле расно мотивирани.

XS
SM
MD
LG