Линкови за пристапност

Трамп го осуди претресот на ФБИ во канцеларијата на неговиот адвокат


„Ново ниво на неправедност“, напиша американскиот претседател на Твитер

Претседателот на САД, Доналд Трамп реагираше на рацијата на ФБИ врз канцеларијата на неговиот личен адвокат, Мајкл Коен, нарекувајќи ја „срамна ситуација“ и „ново ниво на неправедност“.

Агентите на ФБИ извршија претрес во канцеларијата на Коен и во хотелот каде што престојувал за да прибават финансиски документи и други записи, вклучувајќи ги и оние поврзани со исплатата на Коен, вредна 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс.

Лица кои се запознаени со случајот за „Вашингтон пост“ и „Њујорк тајмс“ изјавија дека Коен е под истрага за можна банкарска измама.

Адвокатот на Коен, Стефан Рајан, рече дека претресот делумно бил заснован по препораките од специјалниот советник Роберт Мулер, кој води истрага за руското мешање во американските избори во 2016-та година и можната поврзаноста на кампањата на Трамп со Русија.

Трамп негира секаква поврзаност и истрагата на Мулер ја нарекува „лов на вештерки“. Тој на Твитер напиша дека „привилегијата адвокат - клиент е мртва“ и дека станува збор за „целосен лов на вештерки“.

Рајан додаде дека Коен соработувал со истражителите.

И покрај тоа што истрагата на Мулер е фокусирана на мешање на изборите во Русија, според законот, тој ќе треба да добие одобрување од страна на американскиот главен правобранител, ако открие нешто друго за време на неговата истрага за кое тој смета дека вреди да се разгледува.

Откако главниот правобранител Џеф Сешнс се откажа од истрагата за руското мешање во изборите, заменик-јавниот правобранител, Род Росенстајн би требало да побара од судиите одобрение за рацијата на ФБИ врз канцеларијата на Коен.

Канцеларијата на Мулер, американската адвокатска канцеларија и Белата куќа не коментираа за вчерашната рација.

На прашањето дали е загрижен за тоа што би можеле да најдат федералните агенти, Трамп рече: „Не, јас не сум“.

Тој ситуацијата ја нарече „напад врз нашата држава“ и „напад на она за што сите ние се залагаме“, истовремено обвинувајќи ги истражителите дека се пристрасни и продолжуваат да бараат информации откако не нашле никакви докази.

На прашањето дали ќе го отпушти Мулер, Трамп рече: „Ќе видиме што ќе се случи“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG