Линкови за пристапност

Трамп во прва официјална турнеја низ Азија


Според Белата куќа, претседателот на САД ќе го искористи патувањето за натамошна консолидација на меѓународниот притисок врз Северна Кореја

Претседателот на САД Доналд Трамп, ќе ја искористи турнејата во Азија за натамошна консолидација на меѓународниот притисок врз Северна Кореја да се откаже од усовршување на нуклеарниот интерконтинентален балистички проектил.

„Ако не успееме да се соочиме и да и` се спротивставиме на заканата од Северна Кореја, ќе живееме во многу потемна ера“, изјави виш претставник на Белата куќа. „Реториката на претседателот, и уште поважно, неговите активности, придонесоа за големо поместување и напредок од страна на меѓународната заедница во соочувањето со оваа закана, споредено со претходните неколку администрации“, вели истиот извор.

Во моментов има многу шпекулации за тоа дали Трамп, следејќи ги стапките на некои од неговите претходници, ќе ја посети Корејската демилитаризирана зона. Засега е само извесно дека на покана од Јужна Кореја, тој ќе го посети Кампот Хамфрис, којшто се наоѓа на 65 километри јужно од Сеул, и важи за најбрзо растечка американска армиска инсталација на полуостровот.

За време на престојот во Пекинг, американскиот лидер за Северна Кореја ќе разговора и со својот кинески колега Ши Џинпинг.

Среде неодамнешното заострување на санкциите на Обединетите Нации против Северна Кореја, вишиот претставник на Белата куќа, потенцираше дека на Пекинг отпаѓаат 90 отсто од меѓународната трговија со Пјонгјанг. „Со тоа“, вели тој, „евентуалното нецелосно спроведување на овие резолуции од страна на Кина, би значело поткопување на меѓународната волја“.

Американски претставници додаваат дека Пекинг и натаму може да вложи дополнителни напори, кога станува збор за притисок врз Северна Кореја.

Поранешниот претседател Џими Картер во име на администрацијата на Трамп понуди да го посети Пјонгјанг, нешто што го направи кон средината на 90-те, и покрај противењето на поранешниот претседател Бил Клинтон.

„Во моментов нема ништо планирано“, истакна претставникот на Белата куќа, „но отворени сме за секој со одлични идеи за тоа како да се најде решение за оваа ужасна криза“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG