Американскиот претседател Доналд Трамп, во ноември заминува на азиска турнеја, со цел да обезбеди глобална поддршка во справувањето со заканата од Северна Кореја. Тој ќе присуствува на регионални самити, и на разговори за трговијата, истакна Белата куќа.
„Ангажирањето на претседателот ќе ја зајакне меѓународната решителност за соочување со заканата од Северна Кореја и да обезбеди целосна, потврдена и неповратна денуклеаризација на Корејскиот Полуостров“, се вели во соопштението.
Турнејата вклучува и прва посета на претседателот на Кина, најблизок сојузник и трговски партнер на Северна Кореја.
Државниот секретар Рекс Тилерсон, ќе го подготви „теренот“ за претседателот Трамп во Кина, со неговата втора посета на Пекинг, закажана за следната недела. Се очекува да побара поддршка за кампањата за „максимален притисок“ против Северна Кореја, во време на зголемена напнатост во регионот.
САД одблизу ја следат посветеноста на Пекинг за прекин на увозот на севернокорејски јаглен, железо, железна руда, олово, оловна руда и морска храна.
Ако целосно се спроведе забраната, тоа значително ќе ги намали приходите на Северна Кореја, која според Стејт департментот, во 2016-та година заработила 1,5 милијарди долари од извозот на овие производи во Кина.
Трамп ќе присуствува на Самитот на АСЕАН и Самитот на Источна Азија во Филипините. Тој исто исто така ќе патува во Виетнам, на Самитот на АПЕК.
Потпретседателот Мајк Пенс во четвртокот во Џакарта, Индонезија, изјави дека односите меѓу САД и АСЕАН се „стратешко партнерство“ и дека АСЕАН „промовира просперитет и безбедност“, не само меѓу државите-членки, туку и во целиот Азиско-пацифички регион.
Размената на стоки и услуги меѓу државите исто така ќе биде приоритет за Трамп. Белата куќа додаде дека претседателот ќе ја нагласи важноста од фер и реципрочни економски врски со американските трговски партнери.
Турнејата на претседателот Трамп од 3-ти до 14-ти ноември вклучува и посети на Јужна Кореја, Јапонија и Хаваи.
Facebook Forum