Администрацијата на претседателот Доналд Трамп се ближи до одлуката за избор на најдобрата стратегија во 16-годишната војна во Авганистан.
Пред за денеска закажаната средба со Трамп, секретарот за одбрана Џим Матис, не даде никакви детали за тоа како би изгледала стратегијата и само изјави дека „одлуката се очекува во мошне блиска иднина“.
Трамп денеска во претседателското одмаралиште Камп Дејвид во Мериленд, ќе се сретне и со потпретседателот Мајк Пенс и неговиот тим за национална безбедност.
Опциите вклучуваат испраќање илјадници дополнителни војници во Авганистан или нивно целосно повлекување, оставајќи приватни воени договорни соработници, кои би помогнале во управување со слабата безбедносна ситуација во земјата.
По неколкугодишната широка поддршка од САД и другите земји-членки на НАТО, авганистанската војска и натаму има проблеми да им се спротивстави на талебанците, кои неодамна забележаа напредок во Авганистан и пограничниот регион на Пакистан. Американските генерали конфликтот го опишаа како „ќор-сокак“.
Трамп го овласти Матис да го утврди бројот на трупи во Авганистан, но неколку месеци подоцна, нивото на сојузничките војници останува непроменето. Во моментов во земјата се наоѓаат околу 8.400 американски и околу 5.000 војници на НАТО, кои главно служат во советодавни и мисии за обука.
Facebook Forum