Линкови за пристапност

Трамп ја обвинува Кина за олеснување на достава на нафта во Северна Кореја


Претседателот на САД Доналд Трамп, денеска ја обвини Кина дека ги олеснува испораките на нафта кон Северна Кореја, и покрај кинеското инсистирање дека не ги прекршува санкциите на ОН за ограничување на овие испораки. Трамп преку Твитер кажа дека е „многу разочаран“ заради најновите чекори на Кина.

Јужнокорејски весник претходно објави дека кинески и севернокорејски бродови илегално се поврзале при што бил направен трансферот. Советот за безбедност на ОН минатата недела воведе нови санкции против Северна Кореја со цел да се ограничи нејзниот пристап до нафта, како одговор на неодамнешниот тест на проектли со долг домет.

Во ноември, Северна Кореја го тестираше својот најнов интерконтинентален балистички проектил, за кој бројни американски експерти предупредија дека ќе има капацитет да погоди кое било место во САД.

Целта на санкциите е да спречат 90 проценти од извозот на рафинирани нафта кон Северна Кореја преку нејзино ограничување на 500.000 барели годишно, а се ограничува и извозот на сурова нафта на 4 милиони барели годишно.

Кина на неколкупати повтори дека ги спроведува сите резолуции против Пјонгјанг, и покрај сомневањата од страна на САД, Јужна Кореја и Јапонија дека и натаму има пропусти.

На неодамнешен брифинг за новинарите, портпаролот на кинеското Министерство за одбрана беше запрашан дали кинески бродови незаконски внесуваат нафта во севернокорејски бродови. Тој повтори дека Кина и нејзината армија строго се придржуваат на резолуциите на ОН за Северна Кореја и дека „споменатата ситуација апсолутно не постои“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG