Линкови за пристапност

Трамп во Варшава - САД и Европа заедно против тероризмот


Претседателот истакна дека САД соработуваат со Полска за да ги адресираат „активностите и дестабилизирачкото однесување на Русија

Америка и Европа имаат претрпено „терористички напади, едни по други, но, ние заедно тоа ќе го запреме“, рече претседателот на САД Доналд Трамп, на денешното обраќање во Варшава, Полска.

За време на говорот Трамп предупреди дека постојат „сериозни закани за нашата безбедност и начин на живот“, и нагласи дека границите на САД секогаш ќе бидат затворени за тероризмот и екстремизмот.

„Не можеме да ги прифатиме оние кои ги отфрлаат нашите вредности, како и да ја користите омразата за да се оправда насилството врз невините“, рече тој

Трамп во четвртокот рече дека САД соработуваат со Полска за да ги адресираат „активностите и дестабилизирачкото однесување на Русија“, истакнувајќи дека САД остануваат посветени на обезбедување мир и безбедност во Источна и во Централна Европа.

Трамп зборуваше заедно со полскиот претседател Анжеј Дуда, во првиот круг од посетата на Европа, при кој ја пофали НАТО алијансата.

Тој ги критикуваше некои членки на НАТО дека не вложувале доволно за својата војска, и ја издвои Полска како сојузник на НАТО, за кој вели дека ги исполнува своите обврски.

Трамп претходно се обрати на регионалниот Самит пред лидерите, зборувајќи дека САД сакаат да видат помалку бариери за размена на трговијата со енергија

Белата куќа вели дека претседателот ќе ја повтори својата посветеност на НАТО принципите за заедничка одбрана, но, исто така го повтори неговото барање дека другите членки треба да придонесат повеќе за финансискиот товар на Алијансата.

Трамп се врати во Европа после неговото непријатно прво патување, кое го имаше во мај годинава, кога ги искритикува лидерите на земјите на НАТО, бидејќи не платиле доволно за своите вооружени сили, а воедно не го одобри и членот 5 од НАТО договорот, кој ги повикува сите нации во Алијансата да одговорат, доколку една земја членка биде нападната.

Повеќе од 3.000 американски војници се стационирани во Полска, како дел од распоредувањето на НАТО, чија цел е борба против руската агресија во Украина.

Трамп, неговиот говор го одржа на плоштадот Карисински, под бронзениот споменик на Варшавското востание во 1944-та година, во чест на стотици илјади полски војници и цивили, кои починаа за време на неуспешниот двомесечен бунт против нацистичките окупатори во градот.

„Многу сме среќни што претседателот на Америка би сакал да не посети овде во Полска. И особено на ова место, бидејќи ова е историско место, многу важно за полскиот народ и за граѓаните на Варшава“, изјави за Гласот на Америка Адам Кеџиорек, жител на градот.


Претходно, Трамп присуствуваше на самитот „Иницијатива за три мориња“, со цел да ја зголеми енергетската независност во Источна Европа.

Полска се надева дека ќе стане центар за увоз на американски течен природен гас.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG