Линкови за пристапност

Претставничкиот дом ќе гласа за реформи на законот за имиграција


И покрај незадоволството од политиката на „нула толеранција“ која ја спроведува администрацијата на Трамп

Додека Претставничкиот дом се подготвува да гласа за реформи на законот за имиграција, администрацијата на претседателот Доналд Трамп продолжува да го брани одвојувањето на децата имигранти од нивните родители.

Ваквата мерка порано ретко се спроведуваше, но федералните агенти сега рутински ги одвојуваат децата од семејствата кои бараат азил или се обидуваат нелегално да влезат во САД. Во период од шест недели од нивните семејства биле одвоени околу 2.000 малолетни лица, соопштија властите минатата недела.

На видео објавено од страна на американската влада може да се види дека во засолништата има хумани услови за прифаќање на децата. Сепак, расте незадоволството од политиката на „нула толеранција“ која ја спроведува администрацијата на Трамп во однос на лицата кои се обидуваат нелегално да влезат во државата.

Републиканската партија на претседателот Доналд Трамп има мнозинство во двата дома на Конгресот. Претседателот Трамп утре треба да се сретне со законодавците од неговата партија на разговори околу двата републикански предлог-закони за реформи на имиграција.

Со законите ќе се обезбеди правен статус на стотици илјади недокументирани имигранти кои во САД биле донесени како деца, ќе бидат направени значителни промени во легалната имиграција и ќе се зајакне безбедноста на американските граници. Засега не е јасно дали предлозите ќе добијат доволно гласови за да бидат усвоени.

Викендов низ целата држава се одржаа протести на кои законодавци, верските лидери и граѓани ја осудија политиката за поделба на семејствата.

Првата дама, Меланија Трамп објави соопштение во кое таа навидум се спротивставува на политиката на нејзиниот сопруг.

„Г-ѓа Трамп мрази да гледа како децата се одвојуваат од нивните семејства и се надева дека двете страни заеднички конечно ќе постигнат успешна реформа на имиграцијата“, соопштија од нејзината канцеларија. „Таа верува дека треба да бидеме земја во која се спроведуваат сите закони, но исто така и земја која се владее со срце“.

Поранешната прва дама Лора Буш, во колумна во Вашингтон пост објави дека политиката е сурова и неморална.

„Работата на нашата влада не треба да биде сместување на овие деца во адаптирани складишта или да се прават планови тие да бидат сместени во населби од шатори во пустината која се наоѓа непосредно до Ел Пасо“ напиша таа. „Овие слики потсетуваат на камповите наменети за лицата од јапонско потекло за време на Втората светска војна. Овие кампови сега се сметаат за една од најсрамните епизоди во американската историја.“

Властите соопштија дека во јужниот дел на Тексас во сообраќајка загинале најмалку пет лица. Во инцидентот учествувало возило кое бегало од агентите на граничната патрола, и дека најверојатно жртвите живееле нелегално во САД. Возачот и уште едно лице за кое се верува дека се државјани на САД се наоѓаат во притвор.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG