Линкови за пристапност

Трка со високо моќни чамци, нова закана за Охридското Езеро


Светско првенство во трка на моторни чамци со висока моќност, ќе се одржи на албанска страна од Охридско Езеро, кај градот Поградец. Во периодот од 2 до 7 јули предвидено е учество на 43 тимови со околу 600 натпреварувачи. Неговото одржување ќе биде уште еден сериозен удар за најстарото езеро во Европа, како и закана за опстанокот за живиот свет во него, алармираат граѓански активисти.

Педесетина граѓански организации, еколошки активисти, универзитетски професори и академско-истражувачки институции покренаа петиција која ќе ја достават до сите релевантни органи во Скопје и Тирана, како и до УНЕСКО, за да не се дозволи како што велат вакво нешто.

„Ние реагиравме не само до албанската влада, туку и до парламентот. И сега ќе се покрене интерпелација за министерката за животна средина на Албанија за оваа иницијатива. Јас лично зборував со министерката на Албанија и таа не гледаше ништо негативно од оваа иницијатива. Сите институции, невладини организации и универзитети се разочарани од оваа активности која треба да се организира. А, македонската страна нема информации ништо за ова“, рече Аријан Мероли еколошки активист од Албанија.

Проценките се дека од работата на овие високо-туражни чамци ќе бидат ослободени огромни количини на јаглерод диоксид во воздухот и езерото

„Доколку истата биде организирана се очекува да се ослободи емисија на повеќе од 1.639.089 килограми јаглероден диоксид во воздухот и езерото. Оваа количина на емисии која ќе биде ослободена за неколку дена, е еквивалентна на емисија на стакленички гасови од 365 автомобили кои се возат цела година. Тоа е огромна количина. Исто така ќе бидат потребни 4.300 м2 паркинг простор за да се сместат 43 тимови или 129-172 камиони. Стартната платформа ќе биде изградена во езерото на длабочина од 20 метри каде што се наоѓа литоралната зона“, вели Константин Здравевски, претставник на невладините организaции.

Од Хидробиолошкиот институт во Охрид велат дека економските бенефити од овој настан кои се краткорочни, само ќе го зголемат антропогеното влијание врз Охридското Езеро.

„За нашите соседи ова би била можност за промоција на туризмот во Албанија, но за нас би било акт на насилство врз животната средина и Охридското Езеро. Заради бучавата и моќноста на машините се нарушува животната средина на живите организми. Хемиските промени се заради издувните гасови, заради средствата за заштита и чистење и премачкување на пловните објекти, кои го зголемуваат внесот на нутриенти и ја менуваат животната средина. Поради сите промени кои ќе се случат со користење на вакви пловни објекти ќе настанат промени во животните циклуси на растителните и животински видови во езерото, а со текот на времето и исчезнување на некои видови“, рече Орхидеја Тасевска, директорка на Хидробиолошки завод Охрид.

„Оваа трка ќе се организира во литоралната зона на Охридското езеро. Тоа не е само зона каде се мрестат рибите и птиците, туку е и место, каде што има најголем биодиверзитет и ниво на ендемија во Охридското Езеро. И, по крајбрежјето на Охридското Езеро нивото на ендемизам е меѓу 30 до 80 отсто. Што значи дека секој трет организам е ендемичен. Сега ние сакаме да влеземе со големи чамци и да му го нарушиме живеалиштето, што не е во ред таа идеја“, додава Здравевски.

Охридското Езеро има над 200 ендемични видови и поради тоа не е место за одржување на формула 1 во вода, велат тие.

XS
SM
MD
LG