СКОПЈЕ – Судија на претходна постапка му одреди триесетдневен притвор на врховниот судија Наќе Георгиев кој е фатен како зема мито во износ од 10 илјади евра од син на лице уапсено заради шверц на канабис.
Според официјалните информации, Георгиев се бранел со молчење за време на распитот во Кривичниот суд и тој веќе е спроведен во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари.
Според неговиот бранител, адвокатот Александар Тумановски, врховниот судија бил жртва и бил „наместен“ во целиот случај и најави жалба на одлуката за притвор.
Георгиев беше уапсен вчера попладне во моментот кога ги зел парите, 10 илјади евра претходно обележани од полицијата, од синот на Боро Стојчев екс градоначалник на Ново Село обвинет за шверц на канабис.
Синоќа околу полноќ, на вонредна седница на Судскиот совет беше прифатено барањето на Обвинителството и беше одземен имунитетот на судијата на Врховниот суд Наке Георгиев, беше одобрено барањето за притвор и Советот времено го отстрани од вршењето на судската функција.
Второосомничен во случајот е Иџет Мемети, член на судскиот свет, поранешен народен правобранител и министер за правда. Вчера бил извршен претрес во неговата канцеларија но дали и што е пронајдено од Обвинителството нема информации. Која била неговата улога засега нема прецизни информации.
Обвинителството побара судија на претходна постапка во скопскиот Кривичен суд да му одреди мерки на претпазливост и да му го одземе пасошот.
„Обвинителството бара судот на осомничениот да му определи мерки на претпазливост согласно чл. 146 ст. 1 т. 2 и 3 од Законот за кривична постапка, односно обврска на осомничениот да се јавува повремено на определено службено лице или кај надлежен државен орган кој ќе го определи Судијата на претходна постапка и привремено да му биде одземена патната исправа за преминување на државната граница, односно забрана за издавање на нова патна или друга исправа за преминување на државна граница на име на осомничениот, како и забрана за употреба на лична карта на име на осомничениот како исправа за преминување на државната граница“, стои во соопштението на Јавното обвинителство.
Георгиев и Мемети се познати на домашната јавност исто како и ексградоначалникот Боро Стојчев во чија мрежа тие се заплеткаа.
Георгиев ја почнува кариерата како судија во Основниот суд во Струмица, потоа ќе биде избра за претседател на Апелацискиот суд во Штип и на крај е избран за судија во Врховниот суд. Против Георгиев е поднесена претставка неговото работење во време кога бил во штипска Апелација
Судијата Георгиев беше претседател на Апелациониот суд Штип. Во тоа време, до Судскиот совет била поднесена претставка за работењето на Георгиев и на уште двајца судии од истиот суд кои беа разрешени н не и Георгиев. Втората претставка против Георгиев е за несовесно работење со уште еден член на Судски совет но епилог немаше.
Георгиев се најде во центарот на вниманието кога се кандидираше за член во Судскиот совет а неговиот син се кандидираше за судија во Кривичен суд по што тој се повлече.
Мемети пак е министер за правда во 2001 и во 2003 година а потоа е избран за Народен правобранител – функција која ќе ја извршува од 2004 до 2020 година. Тој во моментов е член на Судскиот совет.
Боро Стојчев е лицето кое се посочува дека дал пари преку неговиот син за Георгиев да му „издејствува поволности“. ТОј е избран за градоначалник на Ново Село на изборите во 2016 година но во 2018 година е фатен во шверц на цигар. Осуден е на една и пол година затвор но штипска апелација ќе му ја намали казната на 6 месеци и тој ќе се повлече од градоначалничката функција.
На почетокот на март оваа година Стојчев и уште девет други луѓе се уапсени во полициска акција со кодно име „Чибук“ заради шверц на канабис а при претресите се запленети над 100 килограми канабис. Неофицијално тој веќе се спогодил со Обвинителството и добил неколкугодишна затворска казна.