Линкови за пристапност

Американските законодавци велат одлуката за воено судење била политичка


Американските законодавци велат одлуката за воено судење била политичка
Американските законодавци велат одлуката за воено судење била политичка

Некои републикански и демократски американски законодавци велат дека политиката играла улога во преиначувањето на одлуката на администрацијата на Обама во врска со Калид Шеик Мохамед, наводниот осмислувач на терористичките напади од 2001 врз САД. Во изненадувачки потег во понеделникот, администрацијата соопшти дека Калид Шеик Мохамед и неговите наводни соучесници во заговорот ќе бидат судени од воена комисија наместо од цивилен суд.

Републиканскиот конгресмен Џејмс Сенсенбренер вели дека претседателската политика била зад одлуката на претседателот Барак Обама за наводните заговарачи на нападите од 11 септември да бидат судени пред воена комисија.

„Мислам дека е чудна коинциденција што администрацијата реши да соопшти свртување за 180 степени во политиката на денот пред овој распит и истиот ден кога претседателот ја објави својата кампања за реизбор. Јас и многу други веруваме дека безбедноста на САД не треба да зависи од политиката“.

Зборувајќи на распит во Комисијата за правосудство на Претставничкиот дом во вторникот, Сенсенбренер кажа дека на претседателот не требало да му се потребни повеќе од две години да сфати дека Калид Шеик Мохамед и неговите наводни ко-заговорници се воени криминалци.

„Злосторството од 11 септември не е само домашен криминал како кражба или провала, тоа се акти на војна спрема цела држава и како такви цели САД и нивниот народ се жртви на некој начин на овој напад“, вели тој.

Не сите републикански законодавци беа толку отворени како него. Сенаторот Лидзи Грем, републиканец од Јужна Каролина и клучен автор на легислативата за креација на воени комисии, го поздрави потегот.

Во понеделникот, сенаторите Џон Мекејн, републиканец од Аризона и Џо Либерман, независен претставник од Конектикат, објавија соопштение фалејќи го потегот на Обама.

Во 2009, администрацијата на Обама соопшти дека наводните заговарачи на нападите од 11 септември ќе бидат судени во федерални судови. Конгресменот Боби Скот, демократ од Вирџинија, вели дека оттогаш Конгресот направил невозможно да е пренесувањето напритвореници од Гвантанамо, Куба, во САД.

„Вчерашното соопштение е одраз на фактот дека Конгресот не остави никаква практична опција за администрацијата и јас верувам дека акциите на Конгресот во врска со ова не се мудри“, кажа Скот.

Скот вели дека федералните судови и натаму се најдобро место за судење на терористи зашто поголема е можноста да добијат пресуда дека се виновни и да се избегнат други предизвици откако пресудите ќе бидат изречени.

„Федералните судови осудиле 400 лица по обвиненија за тероризам за последните 10 години. Како контраст, имало само шест осуди од воени комисии по 9-11 и за тоа време научивме дека преживувањето на комисиите под судски предизвици не може да се земат за гарантирани“.

Републиканскиот член на Конгресот Ламар Смит не се согласува. Тој вели дека иницијалната одлука на претседателот Обама странските терористи да ги суди во цивилен суд прави потешко тие да бат осудени.

„Тоа го видовме неодамна со цивилната судска постапка спрема притвореникот од Гитмо Ахмед Гаилани. Првиот странски терорист притворен во Гвантанамо Беј да биде суден во цивилен суд. Ова беше еден вид тест за администрацијата на Обама како овие судења ќе се одвиваат. Излезе дека е катастрофално. Гаилани беше ослободен по сите обвиненија освен едно, од 285 вкупно против него“.

Прашањето каде да бидат судени заговарачите на нападите од 11 септември долго е контроверзна тема. Групите за човекови права велат дека воените комисии ги прекршуваат меѓународните стандарди според кои обвинетите имаат повеќе права.

Но, како што се приближува десетата годишнина на нападите, аналитичарите забележуваат дека она на што повеќето се согласуваат е дека целата дебата се оддолжила премногу.

Дејвид Бимер, татко на жртвата од 11 септември Тод Бимер, зборуваше на распитот:

„Како може да биде десет години по тој судбоносен ден, четири години откако Калид Шеик Мухамед призна и гордо ја истакна својата улога, неговата голема улога во реализирањето, гордо објавувајќи дека негова била раката што го убила новинарот Даниел Перл? Како може ние се` уште да седиме без да го изведеме пред правдата? “

Тод Бимер беше патник на летот 93 на Јунајтед Ерлајнс кој се борел со терористите во авионот пред да се урне во Шансвил, Пенсилванија, убивајќи 44 лица на него заедно со четворицата грабнувачи на авионот.

XS
SM
MD
LG