Линкови за пристапност

 
Три години војна: Најмалку 100.000 војници би биле потребни за одржување на евентуалниот мир меѓу Украина и Русија

Три години војна: Најмалку 100.000 војници би биле потребни за одржување на евентуалниот мир меѓу Украина и Русија


Украинската одбрана испалува ракети во насока на руските позиции. Доњецк, 15 февруари, 2025
Украинската одбрана испалува ракети во насока на руските позиции. Доњецк, 15 февруари, 2025

Како што руската војна против Украина влегува во својата четврта година, европските лидери предупредуваат дека исходот од тековните мировни преговори меѓу Москва и Вашингтон ќе има длабоки импликации за Украина, но и за цела Европа.

Руските тенкови ја преминаа украинската граница пред три години овој месец, предизвикувајќи го најтешкиот конфликт на европско тло од Втората светска војна. На замрзнатите линии на фронтот, војната продолжува, додека руските сили напредуваат.

„Секој ден ја потиснуваат украинската линија на фронтот некаде за километар, или нешто повеќе. Моја проценка е дека тоа би можело да продолжи во текот на остатокот од оваа година“, вели Бен Бари од Интернационалниот институт за стратешки студии.

Освен на теренот, се чини дека геополитичките сили кои го обликуваат конфликтот брзо се менуваат. Русија и САД започнаа мировни преговори во Саудиска Арабија. Украина и ЕУ, не се поканети.

Лош исход за европските престолнини е да откријат дека Американците во основа ги ставија пред свршен чин за војната Украина
Дејвид Блегден од Универзитетот од Ексетер

„Ќе има многу значаен аларм во европските метрополи за тоа што би можело да се разговара во однос на безбедноста на нивниот Континент. Еден вид на потенцијално навистина лош исход за европските престолнини е да откријат дека Американците во основа ги ставија пред свршен чин за војната Украина, или не се информирани за евентуална мировна мисија“, вели Дејвид Блегден од Универзитетот од Ексетер.

Велика Британија и Франција веќе рекоа дека можеби се подготвени да придонесат за мировните сили во Украина. Се проценува дека за тоа ќе бидат потребни најмалку 100.000 војници.

„Се чини дека САД го поништија членот 5, на НАТО [за колективна самоодбрана] за сите војници што ќе бидат распоредени во Украина. Тоа значи дека тие нема да бидат заштитени“, вели Армида Ван Риј, експертка од „Чатам хаус“.

Сосема е веројатно Русија да ги прекрши условите на каков било прекин на огнот или мировен договор што може да дојде, што тогаш и тогаш ќе се постави прашањето – што ќе прават Европејците тогаш како одговор?

Европската унија соопшти дека обезбедила околу 145 милијарди долари воена, финансиска и хуманитарна помош за Украина во изминатите 3 години - повеќе од половина од севкупната помош за Киев.

Одлуките што ги носиме во текот на следните седмици не само што ќе го дефинираат исходот од конфликтот во Украина, туку и безбедноста на светот
Џон Хили, Министер за одбрана на Велика Британија

Американскиот секретар за одбрана рече дека европската безбедност повеќе нема да биде приоритет - и Вашингтон бара од сојузниците на НАТО да ги зголемат трошоците за одбрана.

„Од каде ќе дојдат тие пари - е клучното прашање. Веројатно, Европската комисија е отворена да дозволи одредена флексибилност на нивните фискални правила. Но, за сето тоа сè уште е потребно време, па ќе биде навистина тешко“, вели Вин Риј.

Тешки одлуки - со длабоки импликации за Европа, коментира британскиот министер за одбрана Џон Хили.

„Одлуките што ги носиме во текот на следните седмици не само што ќе го дефинираат исходот од конфликтот во Украина, туку и безбедноста на светот за една генерација што доаѓа“, посочи Хили.

Многумина стравуваат дека тие одлуки ги носат други - а Европа не е во просторијата.

XS
SM
MD
LG