Линкови за пристапност

Трговците ја изигруваат кошничката за граѓаните, премиерот Мицкоски најави контроли во маркетите


„Срамота е ова што го прават пред празниците коишто доаѓаат“, дециден беше премиерот Христијан Мицкоски
„Срамота е ова што го прават пред празниците коишто доаѓаат“, дециден беше премиерот Христијан Мицкоски

„Срамота е ова што го прават пред празниците коишто доаѓаат“, изјави премиерот Мицкоски и најави дека ќе бара Пазарната инспекција веднаш да излезе на терен. Инфлацијата во ноември се зголеми токму поради поскапите цени во маркетите а тоа го потврди и минималната синдикална кошничка

СКОПЈЕ – Пазарната инспекција ќе мора да излезе на терен и да утврди како дел од големите ланци на трговски маркети ги зголемиле цените на производите и со тоа ги минимизираа ефектот на акцијата „новогодишна кошничка“.

Бројките покажаа дека во ноември инфлацијата расте поради повисоки цени на прехранбените производи а минималната синдикална кошница покажа дека 63 производи опфатени во акцијата поскапеле за речиси 400 денари во периодот пред да стапи на сила што упатува дека дел од трговците ги зголемиле цените знаејќи дека „новогодишната кошничка“ е акција а не мерка со одлука на Владата.

„Срамота е ова што го прават пред празниците коишто доаѓаат“, дециден беше премиерот Христијан Мицкоски и најави дека на денешната седница на Влада ќе побара од неговиот колега од министерството за економија и труд, Бесар Дурмиши, веднаш да ги испрати сите пазарни инспектори во контрола.

„Сакавме добра волја да покажеме, сакавме да се договориме, видете како враќаат. Ова не е коректно и јас денес од страна Владата, од страна на министерот за економија и труд под чии ингеренции спаѓа Пазарниот инспекторат, ќе побарам вонредна инспекција, робустна акција и ова девијантно однесување со трикови да престане“, рече премиерот Мицкоски.

Четири проценти поскапи цени на мало покажа пресметката на Државниот завод за статистика (ДЗС) за месец ноември споредено со октомври што директно влијае врз каков било ефект од акцијата која е во тек т.н. „новогодишна кошница“.

„Не може тоа што на нив им беше дадено како право и можност за едни производи, сега да го надоместуваат со зголемување драматично на некои други производи коишто ги користат граѓаните, како маслото, лебот, млекото, млечни производи, шеќер, сол, јајца и слично. Трикови не може, тоа нема оваа Влада да толерира. Жестоко има да се справиме со овие што мислат дека не надмудриле. Нема такви коишто мислат дека со трикови ќе нè надмудрат“, изјави премиерот Мицкоски.

Со оглед на фактот дека станува збор за акција и како што кажаа надлежните „џентлменски договор“ со трговците а не владина мерка формулата по која се градеа цените на продуктите во „новогодишната кошничка“ беше десет отсто пониско од најниската цена во периодот од 15 ноември до 15 декември.

Јавноста и експертите предупредуваа дека се отвора простор за шпекулативно однесување бидејќи перидот за контрола е краток трговците може да ги покачат цените пред 15 ноември како и отсуство на механизам за контрола и казнување со оглед дека станува збор за обична акција.

Од опозициската СДСМ прстот го вперија во премиерот Мицкоски кој ги оставил трговците да ги покачат цените а акцијата „новогодишна кошничка“ ја оценија како дебакл.

„Тој ги остави намерно и непречено да ги качуваат цените со месеци пред да стапи на сила мерката. А кога стапи на сила мерката цените само се качија а не се намалија. СДСМ со месеци укажува на тоа дека Мицкоски и Владата заедно со трговците кројат план и сега тој план конечно се потврди. За ова Мицкоски мора политички да одговара. Пред само три дена министрите од неговата Влада беа во маркетите и лажеа дека цените се намалени. Сега ќе побара ли Мицкоски одговорност од нив?“, стои во официјалното соопштение од СДСМ.

Вчера Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) излезе со својата пресметка за минималната синдикална кошница која за само еден месец стана потешка за 840 денари и сега изнесува 62.861 денар.

„Загрижува тоа што трговците повторно го искористија периодот пред стапување на сила на последната акција и евидентно ги зголемија цените. Синдикалната минимална кошница за храна и пијалаци за 63 основни производи кои се дел од истата за декември изнесува 23.075 денари и тоа е зголемување за дополнителни 397 денари, наместо да биде намалено за најмалку 10 отсто“, соопштија од ССМ.

Акцијата „новогодишна кошничка“ ќе биде на сила до 15 јануари а опфаќа над илјада производи кои беа предложени токму од производителите и трговците а со единствена цел да им помогне на граѓаните за време на новогодишните празници.

XS
SM
MD
LG