СКОПЈЕ – Итна средба со Владата денес побара новоформираната Стопанска комора на трговци на големо и мало претежно со прехранбени и непрехранбени производи, пијалаци и тутун по носењето на одлуките за скалесто ограничување на маржите и утврдување на највисоки цени.
Од Комората се незадоволни и сметаат дека одлуките на Владата се избрзани и не ги штитат социјално згарозените лица туку граѓаните со високи приходи. Оттаму додаваат дека овие одлуки ќе испратат негативна порака до потенцијалните инвеститори и ќе го доведат во прашање функционирањето на членките на оваа Комора кои вработуваат 4.700 лица.
Членовите на комората пресметале дека со двете одлуки се опфатени меѓу три и четири илјади производи и нагласуваат дека во вчерашната изјава заменик министерот Марјан Ристески самиот се демантирал.
Овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголемата финансиска корист ќе ја имаат потрошувачите со повисоки приходиКомора на троговци на големо и мало
„Од една страна, се наведува дека основните производи се маржираат од 20-25%, што е причината за ограничувањето на маржата на 5%, но од друга страна се тврди дека нема да има значително намалување на цените. Логично е, цените да се намалат за 15-20%, доколку се намали маржата на овој начин. Дополнително, овие одлуки не ги заштитуваат социјално загрозените граѓани, туку најголемата финансиска корист ќе ја имаат потрошувачите со повисоки приходи“, стои во соопштението на Комората.
Од Владата пак одговорија дека одлуките ги донеле по анализа на сите доставени податоци од релевантните институции, а земени се предвид и предлозите на Комората како и податоците за маржите и приходите трговците. Од Владата порачаа дека средба може да има откако ќе добијат официјално барање во кое се наведени причините.
На вчерашната седница Владата донесе две одлуки со кои маржите се ограничуваат од 5 до 15 отсто за 102 групи производи и дека тие ќе опфатат околу илјада продукти додека со другата се замрзнуваат цените за 8 продукти.
Со пет отсто маржа ќе се продаваат основните осум прехранбени производи и тоа млеко, леб, брашно тип 400 и 500, јајца, масло за јадење, јогурт и кисело млеко или вкупно осум групи на производи. Ограничена маржа од 10 отсто ќе има на 55 прехранбени производи меѓу кои месото и преработки од месо, шеќер, конзервиран зеленчук и овошје, грав, ориз и тестенини, алкохолни и безалкохолни производи додека 15 отсто маржа ќе има на 39 групи на прехранбени производи како и средства за хигиена, свежо овошје и зеленчук и детергенти.
По стапувањето на сила одлуките ќе траат до 30 април.