Точно на полноќ во ноќта на Водици, млади мажи собрани во стари и напуштени куќи ставаат на себе грамадни маски, рачно направени од природни животински кожи.
Тоа се бамбурците од беровското село Ратево. После полноќ излегуваат од куќите и симболично, со запалени факли и со својот застрашувачки изглед, ги бркаат болестите од селото.
Така изгледа паганскиот обичај бамбурци во Ратево, за кој се претпоставува дека постои околу шест века.
„Според легендите, во селото имало тешка болест, чума. Жителите на селото ненадејно умирале. Луѓето барале лек од болеста. Во таква ситуација, после Водици, почнале да се маскираат во тие кожи од животинско потекло. Почнале да се маскираат и се нашол лек од болеста. Тие мислеле дека со тоа ги истерале од селото злото и лошите духови“, објаснува Драган Аговски, претседател на здружението „Ратевски бамбурци“ преку кое жителите од селото ја продолжуваат традицијата.
Почнале да се маскираат и се нашол лек од чумата. Мислеле дека со тоа го истерале злото од селото.Драган Аговски, Здружение „Ратевски бамбурци“
„Јас сум Ратевски бамбурец, по потекло од Ратево. За Јован-ден доаѓаме тука да се преправаме во бамбурци. Носиме кожи од овци, од кози, рогови. Прапорци, ѕвонци. Тоа го правиме за да продолжи традицијата“, ни кажа еден од учесниците во обичајот.
Уникатноста на обичајот е што секој главен детал од маската е со природно потекло, односно од сошиени животински кожи. Тие се посолуваат, се става пепел и се сушат на места каде има провев.
„Кожата се става во крупна сол и се внесува во вреќа, за да се суши. Потоа, на лето, се закачува повисоко и на сонце, за да може да се суши кожата, да може да се шие и да се направи ова прекрасно одело“, ни објасни 20-годишниот Марио Гоцевски од селото Ратево.
Заедно со врсниците, Марио беше преправен во бамбурец. Вели дека младите сакаат да продолжат традицијата.
„За оваа традиција, нам младите многу ни е ќеиф. И ни е драго и гордост да ја продолжиме оваа традиција“, истакна младиот бамбурец од Ратево.
Посебен детал е мачкањето на лицата со црна боја.
„Девојката вели: ‘Бамбур, бамбур, јас сум бела и црвена.Ти да дојдеш мене, да ме нацрниш, за да ти бидам лична и румена, кога ќе ме ти земеш за млада невеста“, ни раскажа 67-годишниот Васко Кировски, кој напишал и свои песни и рими посветени на обичајот. Речиси секој во селото, на свој начин е вклучен во одржување на приказната за бамбурците.
Организирани преку здружението на граѓани, бамбурците од Ратево учествуваат и на карневали во странство. Сепак, тоа што им создава одредени тешкотии е немањето доволно средства за поширока меѓународна промоција на обичајот и нивната маска.
„Здружението моментално се финансира само од донации. И со донации од самите членови на здружението. Се надевам дека со помош од локалните компании и од општината дека ќе успееме да ги реализираме гостувањата во странство“, додава Аговски од здружението на ратевските мабурци.
Без оглед на финансиските предизвици, жителите на Ратево покажуваат дека се горди на својот вековен обичај. Решени се со вревата и со застрашувачките маски секоја година симболично да ги бркаат негативните појави од нивното село.
Facebook Forum