Линкови за пристапност

САД бараат појаснување на коментарите на новиот амбасадор на Македонија во НАТО


САД бараат појаснување на коментарите на новиот амбасадор на Македонија во НАТО
САД бараат појаснување на коментарите на новиот амбасадор на Македонија во НАТО

САД и други земји членки на НАТО во изминатите три недели бараат објаснување на тезите што пред Комисијата за надворешна политика на Собранеито ги изнесе новоименуваниот амбасадор на РМ во НАТО,Мартин Треневски. Амбасадорот Треневски во таа прилика го критикуваше принципот на солидарност на земјите-членки на Алијансата со Грција, која пак приемот на Македонија во НАТО го условува со изнаоѓање на решение за проблемот со името.

„Солидарност со нешто кое со политички речник може да се дефинира и како политичка и економска агресија на земја-членка на Алијансата врз земја-кандидат, ниту една демократија не би можела да се согласи“, изјави Треневски пред три седмици во Собранието.

Петокот во изјава на Амбасадата на САД за ТВ Алфа соопшти: „Стејт департментот во Вашингтон со изненадување ја прочита платформата на г-динот Треневски што тој ја презентираше пред собраниската Комисија за надворешна политика, и што се чинеше дека е во спротивност со јавните изјави на претседателот и на премиерот, кои ја реафирмираа стратешката цел на Република Македонија за приклучување кон НАТО. Амбасадата го препрати документот, што ни беше доставен од Министерството за надворешни работи, во Вашингтон и во мисијата на САД во НАТО. Амбасадата доби инструкции од Стејт департментот да бара појаснување на забелешките на г-динот Треневски. На оваа тема исто така разговараме и со другите наши сојузници овде и во Брисел. Премиерот има кажано дека г-динот Треневски ќе ги појасни изјавите и ние го очекуваме тоа појаснување“.

Треневски петокот во интервју за агенцијата Макфакс, појаснувајки ги неговите изјави од пред три недели, вели: „Дел од тезите и квалификациите што ги изнесов пред членовите на собраниската Комисија за надворешна политика беа мои лични перцепции за кои во тој момент ценев дека нема да биде лошо ако јавно ги споделам. Но, она што го потценив е ризикот од различни медиумски интерпретации и можноста на дел од искажаните ставови да им се даде поинаков контекст“.

Амбасадорот вели и дека „без разлика на правот кој се крена во јавноста, уверувам дека Мисијата на Република Македонија во Брисел ќе биде конструктивен чинител и отворен, активен партнер на НАТО со кого заеднички ќе работиме на остварување на заложбите за приклучување на нашата држава во семејството на Алијансата“.

XS
SM
MD
LG