Линкови за пристапност

Забраната за патување истекува, што потоа?


Белата куќа е лимитирана од Врховниот суд на САД во акциите што може да ги преземе

Дел од извршната наредба на претседателот Доналд Трамп за ограничување на патувањето во САД, којашто се однесува на граѓани од шест главно муслимански држави, истекува во недела, оставајќи ја Белата куќа да донесе одлука како ќе ја замени забраната.

„Дали сакаат да ја продолжат забраната, да издадат нова извршна наредба или да издадат нови насоки за тоа како ќе примаат луѓе од овие држави, ќе се повлечат и ќе дозволат таа да истече"?, прашува Дејвид Биер, аналитичар за имиграциона политика од Институтот Като, додавајќи дека: „Одлука, треба да се донесе“.

Таканаречената забрана за патување отсекогаш била привремена, давајќи можност на Одделот за домашна безбедност да собере информации за проверката на патниците од странство. Овој извештај неодамна беше доставен до Белата куќа, во време кога истекува забраната за патување на граѓани од Иран, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и Јемен.

„Волстрит џурнал“ објави дека администрацијата на Трамп се подготвува да ја замени извршната наредба со рестрикции насочени кон одредени земји. Трамп на Твитер повика за „поголема, построга и поспецифична“ забрана за патување. Но, Биер вели дека претседателот е ограничен од Врховниот суд: „Она што не можат да сторат е да издадат нова извршна наредба што е поширока, што ќе биде помалку селективна и ќе се однесува на лица од овие држави, отколку што дозволи Врховниот суд“, вели тој.

Ограничување од Врховниот суд

По првичното објавување на извршната наредба, имаше протести на аеродромите низ целата земја. Една недела подоцна, федерален судија ја блокираше т.н. забрана за патување, испраќајќи ја назад низ судовите во државата. Во јуни, Врховниот суд одлучи дека контроверзната наредба може да стапи на сила, но патниците од овие држави сепак ќе можат да влезат во САД, ако имаат семејни, бизнис или образовни врски.

„Врховниот суд на крај одлучи дека таа е делумно важечка, но не и целосно“ , истакна Дејвид Биер. „Зборуваме за многу мал дел од вкупното население, кое беше цел на првичната извршната наредба“.

Овој експерт смета дека администрацијата на Трамп ќе продолжи да го отежнува процесот за лицата кои во САД доаѓаат како посетители, со привремени работни визи или како имигранти врз основа на семејно спонзорство.

Иако дел од забраната за патување истекува во недела, има уште 30 дена од важењето на 120-дневната забрана за примање бегалци. Претходно, Врховниот суд треба да ги ислуша аргументите за уставноста на забраната за патување.

На потег е Белата куќа

Но, со истекот на наредбата, администрацијата на Трамп се подготвува да објави нови мерки, а случајот во Врховниот суд може да стане дискутабилен. За администрацијата ќе биде полесно да ги одбрани мерките насочени кон конкретни држави, кои се соочуваат со безбедносни проблеми.

„Никогаш нема да биде донесена одлука дека Трамп нема да може да исклучи некој врз основа на загриженост за националната безбедност“, додава Биер. „Тоа секогаш ќе биде аспект на нашиот имиграционен систем. Прашањето е колку широк“.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG