Линкови за пристапност

Мешани реакции по ревидираната забрана за патување


Демократите и републиканците поделени, а групите за човекови права ја напаѓаат исто како и претходната

Ирак, кој е изземен од ограничувањето за патување ја пофали новата извршна наредба што претседателот Доналд Трамп ја потпиша во понеделникот, додека Судан, кој остана вклучен во забраната, го потврди спротивставувањето на мерката.

Портпаролот на ирачкото министерство за надворешни работи Ахмед Џамал, во изјава за Асошиетед прес кажа дека ревидираната одлука на САД и отстранувањето на Ирак од листата ќе ја „засили“ американско-ирачката соработка во борбата против екстремистите на Исламската држава.

Државниот секретар на САД, Рекс Тилерсон рече дека изземањето на Ирак дошло по прегледот на Стејт департментот за подобрувањето на проверката на ирачките државјани, во соработка со владата на Ирак.

Новата 90-дневна забрана за издавање на нови визи важи за граѓаните на шест со мнозинско муслиманско население - Иран, Сирија, Јемен, Либија, Сомалија и Судан.

Суданското министерство за надворешни работи издаде соопштение во кое изрази жалење и разочарување од наредбата на Трамп.

Неколку клучни конгресни републиканци и` честитаа на администрацијата на Трамп за ревизијата на наредбата, додека водечки демократ и неколку организации за заштита на човековите права остро ја критикуваа, нарекувајќи ја „расистичка и анти-исламска“.

Спикерот на Претставничкиот дом Пол Рајан кажа дека новата наредба ја унапредува „нашата заедничка цел,“ заштитата на САД. Републиканскиот сенатор Линдзи Грем изрази уверување дека на новата директива, за разлика од претходната, нема да се гледа како на верска забрана и дека лесно ќе мине низ законодавно-правните механизми.

Претходната извршна наредба беше суспендирана по правните предизвици, а ревидираната верзија е во насока на надминување на овие приговори.

Грем изјави дека се надева оти новата наредба ќе запре лица кои доаѓаат од компромитирани влади и нестабилни држави.

Демократскиот сенаторот, Берни Сандерс изрази остро несогласување со неговите републикански колеги, опишувајќи ја новата забрана како издвојување на муслиманите „во обид ние да бидеме поделени.“

„Ова не` е за одржување на безбедноста на Америка,“ рече Сандерс. „Претседател кој ја почитува нашата традиција на верска слобода нема да прибегнува кон омраза и анти-исламска реторика за да ја оправда забраната“.

Меѓународен комитет за спасување, организација која обезбедува хуманитарна помош за 40 држави и помага на раселени бегалци кои ја поминале проверката низ 28 американски градови, ја опиша новата наредба како закана за 60 илјади веќе проверени бегалци кои останале заглавени во кризните зони.

Амнести интернешенел новата извршна наредба на Трамп ја опиша како „иста омраза и страв, но со ново пакување.“

XS
SM
MD
LG