Линкови за пристапност

Нова рунда на судски претреси по забраната за патување


Расправите се закажани на еден ден пред наредбата на претседателот на САД да стапи во сила

Адвокати на групите вклучени во постапката за спречување на наредбата на претседателот Доналд Трамп за ограничување на влезот на патници и бегалци ги следат денешните рочишта во федерални судови на сојузните држави Мериленд, Хаваи и Вашингтон, бидејќи исходот од нив може да влијае на спроведувањето на најновата наредба за патување.

Тројца федерални апелациони судии минатиот месец ја потврдија одлуката на сојузната држава Вашингтон за укинување на првата наредба за патување, издадена на 27-ми јануари, на само една недела по инаугурацијата на Трамп. Ревидираната верзија објавена минатата недела се обидува да избегне можност за таков предизвик.

Најновата извршна наредба беше потпишана на 6-ти март и забранува визи за државјаните на Иран, Либија, Сомалија, Судан, Сирија и Јемен во период од 90 дена и влез на сите бегалци за 120 дена, почнувајќи од 16-ти март. Владата како причина ја наведе „националната безбедност“.

Противниците на наредбата тврдат дека втората наредба е религиозно дискриминаторска и противуставна, исто како и првата, и планираат да продолжат да ја оспоруваат политиката на претседателот со правни мерки.

За време на претседателската кампања, Трамп се заложи за забрана на влез на бегалци и муслимани во САД, но Белата куќа негира дека наредбата е против муслиманите.

Втората наредба имаше десет дена пред да стапи во сила, со што беа избегнати проблеми на аеродромите, и такви не се очекуваат ако наредбата почне да се применува на 16-ти март.

За секој случај, адвокатите ќе бидат подготвени на аеродромите да пружат помош на евентуално изненадени патници, рече адвокатот Марк Дос од Проектот за меѓународна помош на бегалците.

XS
SM
MD
LG