Линкови за пристапност

Туризмот погоден од коронавирусот, туроператорите гледаат кон иднината


Туризмот брои штети од коронавирусот, туроператорите гледаат кон иднината
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:31 0:00

Туристичката индустрија е масовно погодена од ширењето на коронавирусот. Но, туроператорите се надеваат дека кризата ќе се преброди брзо. На големо шоу за авантуристички патувања во Вашингтон, токму во овој период, беа претставени најатрактивните туристички дестинации за 2020 година.

Во време кога пандемијата на коронавирусот зема се поголем замав, туроператорите се надеваат на брзо надминување на кризата.

Токму во овој период, најегзотичните дестинации беа претставени на туристички саем во Вашингтон. Љубителите на патувањата можеа да погледнат туристички презентации, но и практично да почувствуваат дел од возбудувањата.

Дел од програмата беше магијата на латино танците, но и на нуркањето... беа претставени илјадници туристички дестинации. Една од нив е новооткриената пирамида во џунглите на Гватемала која ги крие тајните на цивилизацијата на Маите.

„Тикал е најголемата пирамида во светот по волумен. Откриена е пред неколку години. Се гледа само нејзиниот врв. Долниот дел е под земја, под џунглата. Откриени се уште 3000 археолошки наоѓалишта. Дојдете во Гватемала.

Искористете ја шансата да бидете импресионирани. Гватемала е срцето на светот на Маите“, вели Марија Лопез Педрасанте, Институт за туризам на Гватемала.

Многумина се интересираа како да го посетат Мачу Пичу - Изгубениот град на Инките, кој УНЕСКО го прогласи за светско наследство.

Оваа дестинација УНЕСКО ја опишува како „апсолутно ремек-дело на архитектурата и уникатен сведок на цивилизацијата на Инките“.

„Мачу Пичу со причина спаѓа во седумте светски чуда. Овој град на Инките е стар речиси 700 години. Денес има многу можности да се стигне до таму. Можете да земете тура со воз или тура со неколку дневно пешачење во срцето на Андите“, вели Мајкл Вед од туристичката агенција „Kusa Treks“.

Љубителите на патувањата можеа да погледнат туристички презентации, но и да почувствуваат дел од возбудувањата.


Додека некои сакаат да го истражуваат светот по копно, други сакаат да нуркаат. За да го приближи искуството до посетителите, нуркачката асоцијација „Dema“ на саемот донесе базен – отворен за сите заинтересирани под надзор на професионални нуркачи.

„Базенот патува низ САД и Канада. Годишно минуваме по 60.000 милји. Луѓето учат да дишат под вода. Обезбедуваме нуркачка опрема, водата е топла, можат да се сликаат... И сето тоа бесплатно. Зошто да не пробате?!“, вели Дејв Рајденбах, од нуркачката асоцијација „Дема“.

За многумина саемот беше можност да се сретнат со некои од најпознатите патувачки инфлуенсери на светот...

Кели Едвардс - новинарка, авантуристка и пилотка, вели дека патувањата се можност да се доживеат необични работи.

Во Австралија имала можност да нурка со најголемата риба на светот - кит ајкула, чија уста е доволно голема за внатре да собере човек.

„Бевме на брод кога ми кажаа дека во близина е можеби последниот примерок за сезоната бидејќи останатите веќе мигрираа. Ја зедов камерата и буквално скокнав во вода“, вели Едвардс.

Едвардс патувањата ги документира во популарно телевизиско шоу на каналот Travel.

Ја прашавме дали би ја посетила Македонија.

„Македонија! Егзотично. Не сум била, но би сакала да ја посетам“, рече таа.

Facebook Forum

XS
SM
MD
LG