Линкови за пристапност

Трамп повторно казнет, судијата се заканува со затвор


Судијата во кривичната постапка против Доналд Трамп го прогласи поранешниот претседател на САД за виновен за непочитување на судот по десетти пат кога ја прекршил забраната за коментирање на постапката и рече дека ќе размисли за затворска казна за дополнителни прекршувања.

Судијата Хуан Мерџан рече дека казните од илјада долари, кои досега ги изрече, очигледно не го одвратиле Трамп да ја прекрши забраната за јавно коментирање на поротниците, сведоците и семејствата на судиите и обвинителите, доколку целта на тие изјави е да влијае на случајот.

Мерџан рече дека затворската казна е последна опција и дека ќе се обиде да ја избегне по секоја цена. Но, тој рече дека „континуираното, намерно кршење“ на забраната од страна на Трамп е „директен напад врз владеењето на правото“.

„Не сакам да изречам затворска казна и дадов се од себе за да ја избегнам. Но ќе ја изречам доколку е потребно“, рече Мерџан.

Тој рече дека ги смета затворските казни за „последно средство“ поради повеќе причини, вклучително и нарушување на судењето, политичките импликации од затворањето на претседателски кандидат пред избори и екстремните безбедносни предизвици од приведувањето на поранешен претседател кој има доживотна придружба од агенти на тајната служба.

Мерџан претходно го казни Трамп со 9.000 долари за девет објави на социјалните мрежи во кои тој прекршил судски налог.

Судењето на Трамп во првата од четирите кривични постапки против него влезе во 12-ти ден. Досега, неговиот висок соработник и поранешен издавач на таблоиди сведочеше за напорите за време на првата претседателска кампања на Трамп да спречи објавување на неповолни приказни за неговото сексуално однесување.

Обвинителите во Њујорк го обвинија Трамп дека фалсификувал деловни документи за да ја прикрие исплатата од 130.000 долари на порно ѕвездата Сторми Даниелс. Трамп тврди дека не е виновен и негира дека некогаш имал секс со Даниелс.

Трамп често се жали дека првото кривично судење на поранешен претседател го принудува да помине часови во студената судница на Менхетен кога треба да води кампања за обидот да се врати во Белата куќа оваа есен.

Извор: Ројтерс

XS
SM
MD
LG