Линкови за пристапност

Трамп најави забрана за влез на патници од Европа и нови економски мерки за Америка


Откако Светската Здравствена Организација го прогласи коронавирусот за пандемија, а американските берзи отидоа длабоко во црвено, Претседателот Доналд Трамп објави нови економски мерки и забрана за влез на патници од Европа во обид да ја смири нацијата чија вознемиреност се зголемува.

Во обраќањето до нацијата Трамп рече дека „ја користиме целата сила на федералната Влада и на приватниот сектор за да ги заштитиме американските граѓани. Ова е најагресивниот и најобемниот напор за соочување со странски вирус во модерната историја“.

Претседателот не прогласи вонредна состојба на национално ниво иако и тоа останува опција.

Вирусот нема да има шанса против нас. Ниту една нација не е поподготвена или поотпорна од Соединетите Држави
Доналд Трамп, Претседател на САД

Трамп најави мерки кои ќе и овозможат на Администрацијата за мали бизниси да обезбедат заеми за компаниите во погодените држави и го повика Конгресот да изгласа итно кратење на данокот на плата.

„Алармантно е што Претседателот не кажа како администрацијата ќе се справи со недостатокот на тестови за коронавирус низ Соединетите Држави“ велат главните Демократи во Конгресот, Претседателката на Претставничкиот Дом Ненси Пелоси и Чак Шумер, лидер на опозицијата во Сенатот. „Ги повикуваме Републиканците во Претставничкиот Дом и во Сенатот да помогнат за итно изгласување на ‘Актот за поддршка на семејствата при Коронавирус’ кој предвидува бесплатно тестирање за коронавирус, вонредно платено отсуство за работниците, зголемено осигурување во случај на невработеност“.

Од друга страна Белата Куќа работи со републиканските лидери на Капитол хил на пакет кој може да чини стотици милијарди долари. Демократите пак разработуваат своја легислатива.

Демократите имаат мнозинство во Претставничкиот дом а Републиканците во Сенатот.

Трамп исто така најави дека почнувајќи од петок патувањето од Европа кон Соединетите Држави ќе биде суспендирано во наредните 30 дена.

„Овие рестрикции ќе бидат прилагодени на условите“ рече Трамп. „Ќе има исклучоци за Американците кои ќе минат низ соодветни тестирања“. Обединетото Кралство е изземено, додаде тој.

Наредбата на Претседателот забранува влез на сите странски државјани кои биле во одредени европски земји 14 дена пред пристигнувањето во САД.

Оваа забрана се однесува на државите од Шенген зоната, дообјасни Одделот за домашна безбедност и не ги опфаќа постојаните жители на САД односно имателите на ‘зелена карта’ како ни членовите на семејствата на американските државјани.

„Можеме да ја намалиме шансата за инфекција со што значително ќе го попречиме пренесувањето на вирусот“ рече Трамп во обраќањето кое траеше помалку од 10 минути. „Вирусот нема да има шанса против нас. Ниту една нација не е поподготвена или поотпорна од Соединетите Држави“ додаде тој.

XS
SM
MD
LG