Линкови за пристапност

Трамп најави итни царини за стоки од Мексико, Канада и Кина


Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп зборува за време на состанокот со републиканците кои се дел од Претставничкиот дом во хотелот Хајат Реџенси во Вашингтон, на 13 ноември 2024 година.
Новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп зборува за време на состанокот со републиканците кои се дел од Претставничкиот дом во хотелот Хајат Реџенси во Вашингтон, на 13 ноември 2024 година.

Новоизбраниот американски претседател рече дека главните трговски партнери не прават доволно за да се борат против шверцот со дрога и мигрантите кои ја преминуваат границата со САД

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, вчера рече дека брзо ќе воведе царини за Кина, Мексико и Канада - трите најголеми трговски партнери на земјата - зголемувајќи ги шансите за трговски војни и повисоки цени за американските потрошувачи.

Трамп искористи серија објави на својот профил на „Truth Social“ за да ги објави потезите, велејќи дека на неговиот прв ден од функцијата „ќе ги потпишам сите потребни документи за да им наплати на Мексико и Канада царина од 25 отсто за СИТЕ производи што доаѓаат во Соединетите држави, и неговите смешни отворени граници“.

Тој наведе дека царините ќе останат на сила сè додека „дрогата, особено фентанилот и сите илегални странци не ја прекинат оваа инвазија на нашата земја!“ Трамп рече дека Мексико и Канада имаат способност „лесно да го решат овој долготраен проблем“.

Тој, исто така, се пожали на, како што рече, улогата на Кина во „огромните количини на дрога, особено фентанил, кои се испраќаат во САД“.

„Додека тие не престанат, ние ќе и наплаќаме на Кина дополнителни 10% царина, на сите дополнителни царини, за сите нивни многу производи кои доаѓаат во САД“, напиша Трамп.

Кина одговори велејќи дека „никој нема да победи“ во трговска или царинска војна.

„Кина верува дека економската и трговската соработка меѓу Кина и САД е заемно корисна по природа“, рече Лиу Пенгју, портпарол на кинеската амбасада во САД.

САД, Мексико и Канада потпишаа нов трговски договор за време на претходниот мандат на Трамп, договор кој ќе биде на разгледување во 2026 година.

Договорот дозволува исклучоци за националната безбедност за ограничувања.

Трамп и канадскиот премиер Џастин Трудо разговараа за трговијата и безбедноста на границите откако Трамп вчера ги објави своите планови, изјави канадски извор запознаен со ситуацијата.

Новиот американски лидер функцијата ќе ја преземе за два месеца, оставајќи простор за преговори и потенцијални промени во плановите на администрацијата на Трамп.

Кандидатот на Трамп да го води Одделот за финансии на САД, Скот Бесент, во авторски текст на Фокс њуз минатата недела напиша дека царините можат да бидат „корисна алатка за постигнување на надворешнополитичките цели на претседателот“, вклучително и барање друга влада да ги зголеми трошоците за одбрана или да преземе мерки за трговија со дрога.

Вицепремиерката на Канада Кристија Фриланд и министерот за јавна безбедност на Канада Доминик Лебланк вчеравечер излегоа со заедничка изјава во која ги истакнаа блиските врски меѓу САД и Канада, вклучително и канадскиот извоз на енергија во САД и соработката за запирање на трговијата со дрога.

„Нашиот однос денес е избалансиран и взаемно корисен, особено за американските работници. Денес, Канада купува повеќе од САД отколку од Кина, Јапонија, Франција и Велика Британија“, се вели во соопштението.

Царините ги плаќаат компаниите кои ги увезуваат производите, што значи дека доколку се спроведат, тие трошоци би можеле да се пренесат во форма на повисоки цени за луѓето кои купуваат голем број стоки, вклучувајќи гас, автомобили и храна.

Трамп ги користеше тарифите како дел од неговата економска агенда за време на неговата претходна администрација, со посебен фокус на стоките од Кина. Кинеската влада одговори со сопствени царини за производи произведени во САД.

Тој, исто така, се фокусираше на безбедноста на границата меѓу САД и Мексико, наредувајќи изградба на пообемна мрежа на гранични ѕидови и барајќи од мексиканската влада да преземе чекори за отстранување на мигрантите од областите во близина на границата со САД.

Последните барања на Трамп доаѓаат во време кога апсењата за илегални преминувања на границата се намалуваат, при што податоците од октомври покажуваат дека апсењата се блиску до најниското ниво во последните четири години.

Дел од информациите во овој извештај се од Асошиетед прес, Франс – прес и Ројтерс.

XS
SM
MD
LG