Линкови за пристапност

Македонија целосно ги почитува минималните стандарди за сузбивање на трговијата со луѓе


Рангирана во Првата група, најдобро од околните земји на Балканот, според годишниот извештај на Стејт департментот.

Во извештајот на Стејт департментот, земјите се поделени во три групи. Македонија спаѓа во Првата група на земји со влади кои целосно се во корелација со минималните стандарди од Актот за заштита од трговијата со луѓе.

Македонија е извор, транзит и крајна дестинација за мажи, жени и деца кои се жртви на сексуална експлоатација и принудна работа. Македонските жени и девојки се предмет на синџир на проституција и принудна работа ширум земјата во барови, ноќни клубови и питачење по улици. Децата, особено етнички Роми, се жртви и се принудуваат да питачат од страна на нивните семејства во самата земја, се вели во годишниот извештај на Стејт департментот за трговијата со луѓе, во делот посветен на Македонија.

Извештајот наведува дека македонската влада целосно ги почитува минималните стандарди за сузбивање на трговијата со луѓе. Стејт департментот оценува дека владата енергично ги гони престапниците, вклучувајќи и` официјални лица кои наводно се вмешани во ваквите процеси.

Сепак, во извештајот се потенцира дека владата нема успех во ефикасната детекција на можните жртви од трговијата со луѓе за време на полициските рации по баровите и ноќните клубови, како и дека официјалните лица не ги користат услугите на обучените социјални работници и невладините организации. Како негативна карактеристика се наведува и дека Владата во Скопје се потпира на невладините организации во пружањето услуги на жртвите во засолништата, но истовремено не им обезбедува адекватни финансиски средства за медицинска нега и реинтеграција.

Во препораките за Македонија, во извештајот од Стејт департментот се наведува проактивно подобрување на напорите за идентификување на жртвите преку обучени социјални работници и невладини организации во првичните проверки за евентуална трговија со луѓе; да осигура дека сите жртви на трговијата со луѓе имаат слобода да заминат во и од прифатилиштата; да се обезбеди жртвите да не бидат приведувани, депортирани или казнувани затоа што биле дел од синџирот на трговија со луѓе, и, да се обезбеди специјализирана обука за официјални лица - подобро да ги разберат психолошките форми од принуда, закани и симптоми на трауми. Во препораките се наведува и казнување на престапниците во трговијата со луѓе, вклучувајќи и владини официјални лица кои се дел од синџирот, како и воспоставување на висина на казни кои одговараат на тежината на стореното кривично дело.

Земјите во соседството - Косово, Хрватска, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговија и Грција се едно скалило подолу, во Втората група. Според категоризацијата на Стејт департментот, тоа се земји кои не ги исполнуваат мининалните стандарди, но прават значителни напори за нивно исполнување во борбата против трговијата со луѓе.

Албанија се наоѓа во меѓукатегорија - Втора група на земји кои се листа за набљудување, затоа што ситуацијата во нив се влошува.

Во Третата група спаѓаат земји кои не исполнуваат ниту минимални стандарди и кои не прават позначајни напори за сузбивање на трговијата со луѓе.
XS
SM
MD
LG